Научниците од германските универзитети откриле два вида незрели клетки во крвта што го објаснуваат згрутчувањето на крвта кај заболените од Ковид-19. Така, можно е рано да се препознае дали болеста ќе биде тешка.
Останува нејасно зошто Ковид-19 кај многу заразени лица се одвива со благи или без симптоми, а е опасна кај другите.
Во тешкиот тек на Ковид-19 често станува збор за неисправна реакција на организмот на воспаление. Воспалението влијае врз белите дробови, понекогаш врз срцето или бубрезите. Често доаѓа до оштетување на крвните садови и до посилно згрутчување на крвта, што може да предизвика формирање на тромб во белите дробови. Честопати тоа е непосредна причина за смрт при тешкиот тек на Ковид-19.
За тешкиот тек на болеста, карактеристични се два вида незрели клетки
Научници од повеќе германски универзитети и институти од покраината Шлезвиг-Холштајн и од Холандија откриле индикатор во крвта на
пациентите болни од Ковид-19 што може да укаже на почетокот на можниот тежок тек на болеста.
Научниците откриле незрели клетки на тромбоцит што имаат клучна улога во коагулацијата на крвта.
Овие таканаречени мегакариоцити нормално се наоѓаат во коскената срцевина, каде што созреваат во готови крвни клетки. Но, можат да се најдат и во крвта во случај на труење, вели авторот на истражувањето, Флоријан Тран од Институтот за клиничка молекуларна биологија на Универзитетот во Кил.
- Познаваме такви појави на незрели клетки во крвта на сериозно болни пациенти, на пример, кај бактериската сепса (труење на крвта) - вели тој.
Ова би можело да покаже дека опасните проблеми со згрутчување на крвта се предизвикани од овие незрели клетки.
Фото: Freepik
Зошто болеста кај некои пациенти е опасна?
Покрај тоа, научниците откриле многу незрели црвени крвни зрнца (еритроцити) во примероците од крвта, кои обично созреваат во коскената срцевина. Црвените крвни клетки се одговорни за пренос на кислород во телото. Бројните незрели црвени крвни зрнца укажуваат на недостиг на кислород. Тоа е позната реакција кај тешко заболување на белите дробови.
Раното препознавање за тешкиот тек на болеста
- Заедно со други податоци, како што се клинички лабораториски вредности и мерење на количината на супстанции што укажуваат на воспаление, успеавме да создадеме еден вид „отпечаток на прстот“, што ја следи промената во начинот на функционирање на овие клетки и ги следи и нив некое време - вели д-р Неха Мишра, коавтор на истражувањето.
Молекуларниот „потпис“ во крвта би можел рано да го идентификува можниот тек на болеста и следствено да се преземат мерки за поинтензивен третман.
На истражувањето соработувал меѓународен тим на научници. Новите откритија беа објавени во списанието „Имјунити“ од научници од Универзитетот „Кристијан Алберхт“ од Кил, Универзитетската клиника „Шлезвиг-Холштајн“, Универзитети од Бон, Келн, Либек, Тибинген и холандскиот Најмеген, Научниот центар „Борстел-Лајбниц“ и Германскиот центар за невродегенеративни болести заедно со колегите од Германското научно здружение „Дојче Ковид-19 ОМИКС инипијатив“.
Извор:
Deutsche Welle
Фото: Freepik