X
 04.01.2025 Наука

Што прават инсектите во текот на зимата?

Стоите во шума среде зима, при минусни температури. Земјата е покриена со снег, а дрвјата и грмушките се голи. Инсектите што вообичаено летаат и лазат на топлото време, сега ги нема.

Веројатно мислите дека инсектите не ја преживуваат сезонската промена. На крајот на краиштата, температурите се многу ниски за да можат да бараат храна, а растенијата и другите инсекти што им се плен воопшто не се присутни во зима.

Но, не е така. Всушност, инсектите се насекаде околу нас: во кората на дрвјата и грмушките, во почвата, а некои може да се прицврстени за растенијата под снегот. Како што излегува, снегот е прилично добар изолатор, речиси како ќебе.

Инсектите хибернираат. Научниците ова го нарекуваат „дијапауза“ и на тој начин инсектите, кои во повеќето случаи не можат да генерираат сопствена топлина како цицачите, ги преживуваат зимските месеци. Тие се подготвуваат за зимата пред температурата да стане премногу ниска. За некои видови, хибернацијата е дел од животот.

Сепак, повеќето инсекти добиваат знак да хибернираат само од нивната околина. Ова му овозможува на еден вид да има неколку генерации годишно во кои само една генерација ја доживува зимата.

Голем број инсекти ги толкуваат скратените денови како знак за подготовка за хибернација, освен ако има уште време за уште една генерација пред да дојде зимата. Правилната процена кога ќе пристигне зимата е клучна за нивниот опстанок. Ако инсектот не ја донесе вистинската одлука навреме, може да замрзне или да гладува или, пак, да ја потроши енергијата пред безбедно да излезе од хибернација.

Некои инсекти хибернираат на места што ги кријат од ниски температури, додека други се подложени на промени во нивните тела за да го избегнат или толерираат замрзнувањето. Речиси и да нема достапна храна во овој период од годината и инсектите генерално не јадат за време на нивната хибернација. Зимата може да трае со месеци, па инсектите имаат развиено две стратегии: да добиваат дополнителна тежина пред зимата и полека да ја трошат оваа резерва на енергија со намалување на нивната стапка на метаболизам.

Промената се чувствува во воздухот


Зголемените глобални температури предизвикани од согорувањето на фосилните горива, земјоделството со животни и уништувањето на шумите, меѓу другото, резултираа со пократки и потопли зими.

За инсектите што можат доволно брзо да се приспособат на овие промени, тоа остава можност да се прошират на север и да создадат повеќе генерации годишно каде што се наоѓаат моментално. Некои видови успеале да го направат ова, додека други не - ентомолозите вложуваат големи напори да разберат зошто.

Извор: Phys.org
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука