Архитектура која е дел од поголем комплекс на градби од доцниот османлиски период, фрагменти од керамички садови, делови од чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети биле откриени при археолошките истражувања на локалитетот Самуиловата тврдина во Охрид.
Директорката на Завод и музеј Охрид, Катерина Велкоска, информира дека од последните истражувања на Самуиловата тврдина добиле сознанија за хронолошката комплексност на локалитетот, а показателите од движен и недвижен карактер укажале на развојот на културните хоризонти и неговите етапи.
– Истражени беа околу 150 квадратни метри, при што беше откриена архитектура која е дел од поголем комплекс на градби, кои припаѓале на доцниот османлиски период, како и фрагменти од керамички садови, делови од чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети, кои го бележат секојдневниот живот на населението што живеело на овие простори во периодот од доцната антика, па сѐ до доцниот османлискиот период - изјави Велкоска.
Според неа, првпат било извршено и фотограметриско снимање на северната и јужната половина од цитаделата.
Покрај археолошките истражувања, вработени од Завод и музеј работеле и на хортикултурното уредување на локалитетот Самуилова тврдина, а со помош на планинарска служба ги исчистиле и отворите во кулите од пластика и друг отпад наталожен од несовесни посетители.
Финансиските средства за реализација на археолошките истражувања на Самуиловата тврдина биле обезбедени со програмата за финансирање од буџетот на Македонија, а проектот се реализирал под раководство на археологот Анатоли Арнаудовски.
Извор: МИА