Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, по повод Меѓународниот ден на науката, ги прогласи најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 во три категории. Во категоријата најплоден научник на
УКЛО првото место го зазема проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска од Економскиот факултет - Прилеп. Таа во академската 2022/23, во Scopus базата на податоци има 10 објавени труда.
Како гледате на иницијативата на УКЛО за избор на најдобри научници на Универзитетот?
Со оваа иницијатива, како и со многу други во последнава година-две УКЛО се профилира како значајна академска сила, како во државата така и на глобално ниво. На овој начин се истакнуваат аспекти од научното работење кои се валидирани со светски „златен стандард“, а тоа е неопходно за заемна инспирација и мотивација како на кадарот така и на студентите и пошироката јавност.
Кое е Вашето најголемо достигнување во полето на науката? Кој е Вашиот следен предизвик?
Моето дејствување е мултидисциплинарно, со основи во менаџментот, информациските системи и комплексноста. Па најисполнето се чувствувам кога гледам како менаџерските методи и пристапи што сум ги кокреирала со моите ментори, професорот д-р Ѓорѓи Манчески од УКЛО и професорот д-р Геерт Поелс од УГент, Белгија, и колегите соработници, се применети и го унапредуваат светот во кој живееме. Тука ги вбројувам методот за тактички менаџмент Деница и пристапот MultiCreation, кои се користат низ светот како од научници така и во реалниот сектор, како и триплата транзиција - дигитална, зелена и општествена, како принцип за кој допрва ќе се чуе. За примената и унапредувањето на истите, моите магистранди на УГент добиваат признанија за исклучителност како Summa cum laude и Magna cum laude, а студентите на УКЛО ги понесуваат со себе во професионалниот свет. Секако, овие научно-апликативни содржини се застапени во сите книги што се публицирале со мои драги коавтори од целиот свет, меѓу кои и двете од најголемиот светски издавач Springer, и тоа: Tactical Management in Complexity: Managerial and Informational Aspects (2020) и најновата Facilitation in Complexity: from Creation to Co-creation, from Dreaming to Co-dreaming, from Evolution to Co-evolution (2023). И токму овие иновативни научни концепти влегоа и во основата на алијансата на Европски универзитети COLOURS во која првпат во историјата ќе дејствува македонски универзитет - УКЛО! Извлекувањето на потенцијалите на луѓето и државите преку таа научно-апликативна соработка во COLOURS е следниот предизвик кој мене и на нашиот УКЛО ни ја доближува реалната траекторија да го издигнеме целокупното академско творење во регионот на Западен Балкан на европско ниво.
Што значи да се биде научник и што, според Вас, треба да се направи за да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање?
Да се биде научник значи да се следи поривот да го разбереме светот, неговите механизми и принципи на дејствување и да се обидеме да го унапредиме преку научниот метод и придонес. Ќе се послужам со во мене трајно вградената инспирација од мојот професор д-р Љупчо Печијарески - дека научникот, интелектуалецот, како редок сој, создава гравитација преку автентично постоење, тој/таа не чека налог од некого за да работи и дејствува. Моето сфаќање да се биде научник значи да се дејствува несебично и визионерски, а сепак приземјено и методолошки - со цел новосоздаденото да има добри корени и да биде солидна основа врз која ќе се надоградува низ времето, ќе се создава. Науката се натпреварува, критички констатира и обединува. Нобеловецот Гел-Ман опишувајќи го кваркот, посочува дека физиката би била претешка ако честиците би можеле да размислуваат, алудирајќи на предизвиците на науките што го адресираат човечкото општество. Да се биде научник значи да се восхитуваш од феноменот на човештвото, природата, енергијата и синергијата; и да бараш начини да се поттикне спиралата кон коеволуција наместо кодеструкција.
Поддршката во науката е поддршка на развојот на општеството. Во таа смисла, што ќе им порачате на Вашите колеги, пријатели и на студентите на УКЛО?
Токму така, науката (а со тоа и универзитетот) постои за развој на општеството. Оттука, науката треба да се гледа како мисија, траекторија на квалитет која не мора да значи дека е исклучително условена од пари. Мојата последна книга вбројува 11 поглавја од минати соработки во кои претежно учествував и работев волонтерски, како академски граѓанин на светот. Тоа ми овозможи да бидам љубопитен истражувач и активист во центарот на неколку уникатни универзуми во кои имаше врутоци на научни предизвици, од кои можеа да се направат извонредни докторати, истражувања, публикации, прототипи. Научниот профил се гради со искуство, вмрежување на сите нивоа, проактивност, професионалност, несебичност, пожртвуваност - со многу многу, многу работа и отворен ум. Имаме посебна, претешка, но и уникатна позиција да живееме и да работиме во Западен Балкан, во ова време и место, дали знаете колку е значајно тоа? Пораката би била - предизвикајте сѐ себеси, исчекорете во истражување на животот и светот и ќе откриете многубројни и убави потенцијали за напредок. И притоа, дејствувајте!
Може ли да ни откриете што Ве прави среќни?
Љубовта, мојата ќерка, моето семејство, пријателите, здравјето, работата, интелектуалните предизвици, менторирањето млади, давањето глас и помагањето на оние на кои им е потребно, соочувањето со тешкотиите и наоѓањето пат за справување со нив - за мене и за моите блиски, за моите alma mater и за мојата држава, за нашиот дом на оваа планета. Среќа ми е кога ме буди нова идеја или решение и кога мозокот, душата и целото битие креираат, создаваат, иницираат позитивни промени. Сето тоа со моите студенти, колеги, блиски, пријатели, со моето прекрасно девојче. Среќа ми е кога по години, гледам дека (изораното, зачнатото, изртеното), посаденото (и наваденото, и одржуваното, и негуваното, и растеното) вродило со здрав плод и може да се размножува. Најголема среќа ЌЕ ми е кога, покрај сите ветрометини, ќе го постигнеме најтешкото во нашата држава и регион - и подлогата и животот на неа да здравеат, и во преносна и во вистинска смисла.
Дали имате идеја водилка, мото што Ви дава силна инспирација?
„Дајте ми доволно голем лост да го поставам на добра потпорна точка - и ќе го поткренам светот“ (Архимед) … мојот, нашиот. Дајте ми ја слободата да креирам и да дејствувам - професионално, компетентно, чесно и добронамерно. Имам еден факел во рацете и доволно храброст да тргнам, кај што одам ќе оставам трага, ако ја изодиме заедно, ќе стане патека. Ќе ги пронајдам потенцијалите во секој што сака и ќе најдеме начини да кокреираме, косонуваме - и да коеволуираме.
(Комерцијална објава)