X
 09.09.2026 Образование

Избери наука! Анастасија Нечоска - Од љубопитност до технологии што го менуваат секојдневието

Во пресрет на Европската ноќ на истражувачите во рамки на проектот „Гринстарс: ИЗБЕРИ НАУКА! ГРАДЕЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО ПРЕКУ НАУКА И ИНОВАЦИИ“, финансирана од Европската Унија, која годинава ќе се одржи на 25 септември 2026 година и седмиците пред и потоа, продолжуваме со циклусот посветен на младите истражувачи и нивните научни приказни.

Преку овој циклус, науката ја приближуваме до јавноста преку личности кои секојдневно ја истражуваат, ја создаваат и ја претвораат во решенија за реалните предизвици - во земјава и во странство! Настанот, кој во Македонија ќе се одржи во Скопје, Штип и Битола, има токму таква цел – да покаже дека науката не е нешто далечно и недостапно, туку простор за љубопитност, создавање, иновации и професионална иднина.

Во оваа приказна за науката зборуваме со млада истражувачка и инженерка Анастасија Нечоска чиј пат започнува со информатиката и технологиите на податоци, а денес опфаќа области како вештачка интелигенција, Deep Learning, сајбер-безбедност и анализа на податоци. Нејзиното искуство од студирањето и истражувањето во Словенија, но и учеството на хакатони и развојот на проекти со практична примена, покажуваат како знаењето може да излезе од академската средина и да се претвори во конкретни решенија. Од EcoFlow, кој ги поврзува сателитските и еколошките податоци со идејата за поздрава рута низ градот, преку LocalLoop, кој ги поврзува локалните производители со купувачите, до Slovingo и примената на вештачката интелигенција во учењето јазик – нејзината работа ја отвора и пошироката тема на тоа како младите можат преку науката и технологијата да одговорат на проблемите што ги гледаат околу себе.

Во разговорот во рамките на циклусот - Избери наука, таа зборува за тоа што значи да се избере науката, што ја привлече кон информатиката, како истражувањето може да придонесе за создавање побезбедни и поквалитетни технологии, но и што им е потребно на младите во Македонија нивните идеи се само почеток. 

УКЛО КОЛОРС: Што за тебе значи да ја „избереш науката“?


Анастасија: За мене, да ја избереш науката значи да одлучиш дека нема само да го прифаќаш светот таков каков што е, туку ќе се обидеш да разбереш како функционира и како можеш да го направиш подобар. Науката бара љубопитност, дисциплина, но и храброст – храброст да поставуваш прашања, да погрешиш и повторно да се обидеш. Токму затоа настани како „Ноќта на истражувачите“ се важни: им покажуваат на младите дека науката не е недостижна, туку простор во кој и тие можат да создаваат, да истражуваат и да оставаат свој белег.

1

УКЛО КОЛОРС: Што те привлече кон информатиката и што ти донесе студирањето во Словенија?

Анастасија: Информатиката ме привлече затоа што во неа идејата многу брзо може да стане реално решение. Сакам области во кои не сум само набљудувач, туку можам нешто да изградам, да тестирам и да подобрам. Студиите по Informatics and Data Technologies на Универзитетот во Марибор ми дадоа силна техничка основа, но уште повеќе ме научија на самостојност, дисциплина и работа во меѓународна средина. Од неопходноста да учам и студирам на словенечки јазик, до сите предизвици на секојдневното живеење и функционирање далеку од своето семејство, тоа искуство ми покажа дека кога имаш знаење, работа и јасна цел, границите стануваат многу помалку важни. 

УКЛО КОЛОРС: Како ја гледаш иднината на вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста?

Анастасија: Вештачката интелигенција ќе биде дел од речиси секоја индустрија, но колку што технологијата станува помоќна, толку поголема станува и нашата одговорност. За мене не е доволно само да знаеме како да изградиме интелигентен систем – мора да знаеме и како да го направиме безбеден. Искуството со Deep Learning и програмата на EC-Council за ethical hacking ми дадоа можност да ги видам двете страни: како се создаваат напредни технологии и ако се откриваат нивните слабости. Иднината ќе им припаѓа на оние што умеат да иновираат, но и да ја носат одговорноста што доаѓа со таа иновација.

УКЛО КОЛОРС: Што значи „Shift-Left“?

Анастасија: Shift-Left значи едноставно: не чекајте проблемот да стане голем за да го решите. Во развојот на софтвер тоа значи тестирањето, проверката на квалитетот и откривањето на грешките да започнат уште во раните фази. Во нашиот научен труд ги анализиравме токму овие пристапи – од валидација на барања и автоматизирано тестирање, до статичка анализа и continuous integration. За мене тоа е добар пример дека добрата технологија не е само иновативна – таа мора да биде и сигурна, стабилна и добро осмислена.

УКЛО КОЛОРС: Како се роди идејата за EcoFlow?

Анастасија: EcoFlow започна од многу реален проблем: кога избираме рута низ градот, најчесто гледаме што е најбрзо, но речиси никогаш што е поздраво. Затоа сакавме податоците за квалитетот на воздухот да ги претвориме во нешто што човек може директно да го користи. Платформата обработува податоци од Copernicus и ARSO, ги анализира рутите и може да предложи алтернатива со подобри еколошки услови. Мене ме мотивира токму тоа – технологијата да не остане апстрактна, туку да му помогне на човекот да донесе подобра одлука.

УКЛО КОЛОРС: Можат ли локалните проблеми да создадат глобални решенија?

Анастасија: Апсолутно. Не верувам дека за добра идеја мора секогаш да гледаме далеку. Понекогаш најголемата можност е токму во проблемот што го гледаме секој ден. Загадувањето, транспортот, локалното производство, образованието – тоа се проблеми што ги имаме дома, но ги имаат и многу други средини. Ако создадеме решение што функционира овде, нема причина тоа да не може да се адаптира и на друго место. За мене, вистинската иновација почнува тогаш кога ќе престанеме само да се жалиме на проблемот и ќе почнеме да градиме решение.

УКЛО КОЛОРС:  Што те мотивира кај LocalLoop и Slovingo?

Анастасија: Ме мотивира тоа што технологијата може директно да влијае врз секојдневието. LocalLoop ги поврзува локалните производители и купувачите, а Slovingo го олеснува учењето јазик и вклучува AI конверзациски тутор. Сакам да работам на проекти зад кои постои јасно „зошто“. Технологијата за мене има најголема вредност кога не е само технички интересна, туку и корисна за некого.

УКЛО КОЛОРС: Што те научија хакатоните и тимската работа?

Анастасија: Хакатоните ме научија дека идејата е само почеток. Вистинскиот предизвик е да ја претвориш во решение, под временски притисок, со луѓе што размислуваат различно од тебе. Искуствата од Roche Hackathon и Хакатон-Идеатонот во Битола ми покажаа колку младите можат да создадат кога ќе добијат простор и доверба. Денес сложените проблеми не ги решава еден човек. Силен тим не е тим во кој сите се согласуваат, туку тим во кој различните знаења се претвораат во едно подобро решение.

УКЛО КОЛОРС: Анастасија, ти си вистински профил за идејата „Корени и крилја” на УКЛО КОЛОРС, што значи, ти си битолчанка која живее и студира во Словенија. Кои се по твоја интерпретација корените и крилјата што ги имаш?

укло

Анастасија: Уште како средношколка, сведочев за бројните можности што ги прават универзитетите за студентите. Она што сега во КОЛОРС се нарекува school-university-transition, јас го доживував од прва рака. Имено, професорката д-р Рената Петревска Нечкоска, во широка соработка со различни чинители во општеството на Македонија, Балканот и светот, ме вклучуваше во најразлични активности. Би ги вброила најзначајните: УКЛО за заедницата - што беше мултидисциплинарна проектна иницијатива на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) за работа на развој на современи урбанистички и сообраќајни решенија за пристапност и безбедност до основните училишта во Битола и Прилеп; се вклучував со свои средношколски креации во проектите на Western Balkans Alumni Association како во живо, така и на онлајн сесии. Правевме различни обиди - како технички, така и креативни. Важно, се охрабрувавме! Сега, кога ќе се видам на видеата и фотографиите, се сеќавам колку било корисно тоа вклучување од прва рака, моето блиско искуство со високото образование ми овозможува да имам поинаква перспектива кон неговото функционирање и кон луѓето кои придонесуваат кон неговиот развој.  Финално, она што многу ми значеше како референца беше моето вклучување во хакатон на Рош, Словенија, на покана на професорката Рената, којшто го ставив и како референца во моето CV, заедно со сите овие други работи.

УКЛО КОЛОРС: Универзитетот во Марибор е дел од првите пилот - Европски универзитетски алијанси - што тоа значи за студентите кои се дел од алијанси?
Анастасија: Да се биде дел од Европска универзитетска алијанса, било која од постоечките шеесетина, е навистина дистинктивно! На мојот универзитет во Словенија алијансата веќе ги постави стабилните основи и продуцира огромни можности за студентите - како во бројка така и во квалитет. Алијансата ATHENA има повеќе технолошки фокус, и се базира на BIP мобилностите за своите активности, додека колку што гледам COLOURS е насочена кон проблемски ориентирани активности, нови форми како колабораториуми, со истакнување на пристапот за тројна транзиција и регионален импакт. Секогаш кога читам за КОЛОРС како на објавите од УКЛО, така и на newsletter-от од Алијансата што ми стига по имејл, се радувам дека и мојот регион е на точните шини за напредок. Двете алијанси се разликуваат во некои работи, но високата стартна позиција за студентите е идентична - и бесценета! 

УКЛО КОЛОРС: Каков потенцијал гледаш кај младите во Македонија?

Анастасија: Гледам многу талент, идеи и амбиција. Она што ни недостига не е способност, туку повеќе простор младите да се докажат, повеќе менторство и повеќе доверба во нив. Но мислам дека и ние самите мора да бидеме похрабри. Не можеме секогаш да чекаме некој да ни ја отвори вратата. Понекогаш мора да тропнеме, а понекогаш и сами да си ја изградиме. За мене најважна е храброста да се започне. Не мора да знаете сè. Не мора идејата да биде совршена. Треба да бидете доволно храбри да го направите првиот чекор и доволно упорни да продолжите кога нема веднаш да успее. Од прва рака сведочев колку платформи и чуда прават професорите и кадрите на универзитетите за да се поддржат, мотивираат и оспособат младите. Треба да се охрабрите!

УКЛО КОЛОРС: Што би сакала младите да понесат од „Ноќта на истражувачите“?

Анастасија: Би сакала да си заминат со чувство дека науката е и нивно место. Да не гледаат на истражувачите како на луѓе што се некаде далеку од нив, туку како на доказ дека секој голем пат започнува со љубопитност и една одлука да се обидеш. Ако некој млад човек по овој настан си рече: „И јас можам“, тогаш за мене тоа е најголемиот успех.

Приказната на Анастасија Нечоска покажува дека научната љубопитност може да биде почеток на нешто многу поголемо, без разлика дали станува збор за вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, анализа на податоци или решенија за животната средина.  Заедничката нишка е желбата знаењето да не остане само теорија, туку да создаде вистинска вредност и токму затоа, настани како Европската ноќ на истражувачите се важни –  го скратуваат растојанието меѓу науката и јавноста и им покажуваат на младите дека истражувачот не е некој далечен лик од учебниците, кава што е и оваа млада докторантка, која ќе земе учество во Научните рефлексии пред академска публика,но и во активности за промоција на науката до пошироката јавност. 

На 25 септември 2026 г. науката ќе биде поблиску до сите – и во Битола, заедно со Скопје и Штип, преку УКЛО, заедно со УКИМ, УГД, МАНУ, НЦДИЕЛ, МЕД. Можеби токму една таква средба, едно прашање или една идеја на млад средношколец или основка кои одговараат на научниот квиз на Широк Сокак во потрагата по научното богатство, или краткото видео што младите новинари ќе го снимаат за да доловат иновативна идеја на нивната другарка ќе бидат првиот чекор кон нечија следна голема научна приказна.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование