X
 02.12.2016 Култура

„Доктор Стрејнџ“ - филм за сите возрасти


Доктор Стрејнџ


Doctor Strange (2016)
Режија: Скот Дериксон
Улоги: Бенедикт Камбербач, Тилда Свинтон...


„Доктор Стрјнџ“ е филм за сите возрасти. Не мислам во онаа маркетиншка смисла, туку навистина. Во секоја смисла. Мене веднаш ме потсети на Мандрак, помладите на Дилан Дог, а сите на онаа неизбежна детска опседнатост со магија, маѓепсници и волшебници. Стивен Стрејнџ е токму тип кој оговара на сите замислени модели. Всушност, Стрејнџ е некоја неверојатна мешавина од Доктор Хаус, веќе споменатиот Мандрак, и логично, заради Камбербач, на величествениот Шерлок Холмс. Па кој ќе може да одолее на таквата генијална комбинација.

Некаде прочитав дека Марвел и други заинтересирани, повеќе од 40 години се обидуваат да го екранизираат овој класичен Марвел јунак на Стен Ли и Стив Дитко, но големото трпение и упорност на крајот дадоа речиси беспрекорен резултат. Не знам на што се должеше повеќедецениската препрека за тој потфат, но сметам дека наоѓањето идеален главен актер ги реши сите возможни и невозможни проблеми. А Камбербач е апсолутно совршено решение за оваа улога. Подеднакво совршено како што е Дауни Џуниор во случајот Ајрон Мен, да речеме.

На оваа проекција се упатив со веќе испробан и уигран тим што го чинат Н. и Г. кои своето воодушевување со настанот го искажаа уште пред да почне филмот – новото intro logo сите нè изненади, а особено девојчето од мојата лева страна. Ниту вистинското, играно logo што следеше, не беше ништо помалку восхитувачко; иако е тешко, дури невозможно да се прераскаже, овој сензационален вовед во кој се запознаваме со главниот противник на Стрејнџ, Касилиус, бевме комплетно приковани за седиштата, и од тој момент па до самиот крај, и самите бевме маѓепсани и хипнотизирани со семоќните магии на Стивен Стрејнџ.

Овој вртоглав вовед во филмот продолжува со проверена и речиси стандардна постапка – со „origin“ приказна. Многумина веќе знаат – Стрејнџ е генијален, но и арогантен хирург, кој е во состојба да го реши и најисплетканиот медицински случај, сè додека самиот не доживее тешка сообраќајна несреќа во која најмногу страдаат неговите дланки. Иако медицината ја има во малиот прст, дури ни семоќниот Стрејнџ не успева да најде креативно решение кое би му го вратило поранешниот живот, сè додека не дознае дека во правливиот и далечен Катманду , во своите ќошиња, се крие мал и неугледен храм, Камар-таџ, од каде и параплегичарите излегуваат исправени на нозе. Но, и самиот Стрејнџ е збунет, бидејќи таму нема ни медицина ни технологија, ни лекари ни лекови. Освен Древната свештеничка, астралните проекции и други димензии, вклучувајќи ја и онаа со огледалата.

Да, сè ова звучи како детска измислица, будалаштина и холивудско комерцијално ѓубре, но е далеку од тоа, како и поголемиот дел од MCU каталогот. Дури  изгледа дека „Доктор Стрејнџ“ е еден од најимпресивните  примери како наративот може да биде зачуван и да е кристално јасен, дури и кога е испреплетен со разни временски текови, патувања низ разни димензии и во најневеројатни можни насоки. Можеби ме лаже помнењето, но не се сеќавам кога волшебништвото било вака убедливо и функционално. И забавно. Ќе ја споменам само наметката.

Сето ова го прави овој филм не само визуелен спектакл, туку и ментална сложувалка која, навистина, не е претерано тешка и  комплексна, но сеедно, ги ангажира сите сетила и сите „вијуги“ и тоа не само оние кои се прашуваат како е ова возможно или како успеале да го снимат сето ова. Иако, навистина е неверојатно што успеале сè да проектираат на обично, бело платно. Во секој случај, како што Рубиковата коцка што на почетокот изгледа како нерешлив проблем, така и „Доктор Стрејнџ“ полека, слој по слој, доаѓа до величествено финале во кое, за чудо, секој детаљ добива своја смисла.

Не успевам да најдам слаба точка во овој ултра забавен филм.

Филмска рецензија на Мишко Билбија за mondo.rs
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура