X
 07.02.2024 Технологија

Кинескиот експериментален воз достигна 623 км/ч

Кинеската национална технолошка компанија - КАСИК во соработка со неколку експерти од локалните универзитети развива ултрабрз воз кој би патувал во тунели со низок притисок, според принципот познат како хиперлуп. Во провинцијата Шанси, во 2022 година, тие го тестираа првиот прототип во целосна големина и изградија тунел долг 2 километра за да ги тестираат можностите на оваа транспортна технологија.

Рекордна брзина

Во првите тестови нивниот воз достигнал брзина од 130 км/ч, а оваа недела се дознало дека во меѓувреме е постигнат уште поголем технолошки напредок. Иако деталите сè уште се тајни, од КАСИК објавиле дека со нивниот воз, во гореспоменатата цевка од 2 километра, го собориле досегашниот рекорд за кој било воз маглев. Наводно нивниот хиперлуп возел со брзина до 623 км/ч – и тоа додека цевката не била вакуумирана.

Покрај поставувањето брзински рекорд, овој тест служел и за проверка на клучните технологии, како стабилната и прецизна магнетна левитација, која ќе ги овозможи планираните астрономски брзини при патување на Земјата.

Голем технички предизвик

Податоците објавени од „Јужна Кина – Морнинг пост“, исто така, сведочат за техничките предизвици: поединечните сегменти на тунелските цевки со низок притисок се долги 21 метар, имаат дијаметар од 6 метри, а нивната геометрија не смее да отстапува од идеалната за повеќе од 2 милиметри, за во нив возот да може безбедно да патува. Покрај тоа, голем број поврзани сегменти мора да бидат во состојба да одржуваат вакуум во цевката подолго време.

Долгорочниот план е да се изгради цевка долга 60 километри за овие возови на истата локација, во која тие би можеле да достигнат планирани брзини до 1.000 км/ч. Потоа ќе започне првиот планиран комерцијален проект - поврзување на два големи града на источниот брег, Шангај и Хангжу, со траса долга 175 километри. Со постигнатата нова рекордна брзина, таа цел сега е чекор поблиску.

Извор:Bug.hr

Фото: Pexels

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија