X
 23.06.2024 Живот

Брзината на сообраќајот се намалува кога има велосипедска лента

Истражувачи од Њу Бранзвик, Канада, спровеле студија на фреквентна раскрсница во градот Џерси Шор и откриле дека поставувањето велосипедска лента по должината на патот ја намалува брзината на возење на автомобилите.

Со оглед на тоа што многу сообраќајни анализи го идентификувале брзото возење како фактор што придонесува за повеќето сообраќајни несреќи, создавањето таков ефект на „смирување на сообраќајот“ со велосипедска лента може да ја подобри безбедноста на патот и да ја намали сериозноста на сообраќајните несреќи, велат истражувачите.

- Ви даваме повеќе докази за тоа дека велосипедските патеки спасуваат животи - вели Хана Јанс, водечка авторка на студијата и постдокторски истражувачки соработник во Транспортниот центар „Алан М. Ворхис“.

Истражувачкиот тим создал привремена велосипедска лента на авениите „Кукман“ и „Асбери“, на страната на патот кој води до плажа, исцртувајќи ја со портокалови конуси. Студентите од школата „Рутгерс Блустин“, кои помагале во студијата, ги анкетирале случајните возачи на велосипеди и електрични скутери што ја користеле привремената велосипедска лента. Повеќето од испитаниците сакале велосипедски патеки.

За да го анализираат влијанието на велосипедската лента врз брзината на сообраќајот, истражувачите користеле техники за компјутерска визија за да ги класифицираат брзината и траекторијата на повеќе од 9.000 моторни возила. Компјутерската визија е подобласт на вештачката интелигенција, која се занимава со способноста на компјутерите да интерпретираат и анализираат визуелни податоци од светот. Истражувачите собрале податоци пред и по создавањето на велосипедската патека за да извршат споредба.

Тие откриле дека присуството на обележана велосипедска лента направило разлика: 28% намалување на просечната максимална брзина и 21% намалување на просечната брзина, за возилата што вртат десно. За оние што одат право и не вртат, забележано е помало намалување на брзината од 8%. Покрај тоа, возачите што се движеле под прав агол на патеката за велосипеди не ја намалиле брзината.

Обележувањето велосипедски патеки со конуси како јасно исцртана област било поефективно во намалувањето на брзината отколку велосипедска патека во боја. Шарената лента само за велосипеди била поврзана со помало намалување на брзината помеѓу 11% и 15%, но само за возачите што вртат десно.

Хипотезата е дека возачите забавуваат кога ќе видат велосипедска лента означена со конуси бидејќи лентата за возење е потесна и бара поголема концентрација, а полесно е да се забележат конуси или жардиниери отколку обоени линии на површината на патот.

Тимот на истражувачи смета дека студија како оваа може да помогне да се развијат нови сообраќајни политики или да се сменат старите.

Извор: okvir.net

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот