Новата терапија за рак целосно ги уништи напредните тумори на јајчниците и на цревата за само шест дена. Се очекува клиничките испитувања да почнат во наредните месеци, откако резултатите на глувците беа опишани како „многу возбудливи“.
На пациентите им биле дадено континуирани, високи нивоа на протеини што го зајакнувале нивниот имунолошки систем. Станува збор за еден вид мини-фабрики, односно ситни зрна што ја испуштаат потребната доза на лекот.
- Дозата ја даваме само еднаш, но мини-фабриките продолжуваат да дозираат секој ден, онаму каде што е потребно, додека не се елиминира ракот. Откако ја одредивме точната доза, успеавме да ги искорениме туморите кај 100 отсто од животните со рак на јајчниците и кај седум од осум животни со колоректален карцином - вели д-р Омид Вејсех од Универзитетот „Рајс“ во Хјустон, Тексас.
Ситните зрна имаат заштитна обвивка што ги содржи клетките дизајнирани да произведуваат интерлеукин-2. Тие би можеле да се користат за борба против најсмртоносните видови рак, вклучувајќи ги и оние на панкреасот, црниот дроб и на белите дробови. Тие можат да бидат имплантирани со минимално инвазивна хирургија и би можеле да се тестираат на човечки пациенти до наесен.
Зрната што произведуваат лекови биле поставени до туморите кај лабораториските глодачи во близина на нивната абдоминална празнина, обвивка слична на вреќа која им дава потпора на цревата, јајчниците и другите абдоминални органи.
- Голем предизвик во областа на имунотерапијата е да се зголеми антитуморскиот имунитет додека се избегнуваат системските несакани ефекти на цитокините и другите проинфламаторни лекови - рече коавторот, професорот Амир Џазаери од Универзитетот во Тексас.
- Во оваа студија покажавме дека „фабриките за лекови“ овозможуваат регулирана локална администрација на интерлеукин-2 и искоренување на туморот кај глувците, што е многу возбудливо - додава тој.
Интерлеукин-2 е цитокин, протеин кој имунолошкиот систем го користи за препознавање и борба против болести, кој е одобрен како третман за рак од страна на Американската агенција за храна и лекови.
Аманда Неш, водечки автор, рече дека зрнцата го предизвикуваат најсилниот имунолошки одговор досега.
- Ако ја дадете истата концентрација на протеинот преку IV пумпа, тоа би било исклучително токсично. Но, со зрнцата, концентрацијата што ја гледаме на друго место во телото, подалеку од местото на туморот, е помала од онаа што пациентите треба да ја толерираат со терапија со инфузии - вели Аманда Неш.
Таа вели дека ова ја отвора вратата за општ пристап за лекување рак на панкреасот, црниот дроб, белите дробови и на другите органи.
Доколку е потребен различен цитокин за да се насочи кон одредена форма на рак, зрната може да се наполнат со кое било имуно-терапевтско соединение.
Надворешната обвивка на зрната ги штити клетките кои произведуваат цитокини од имунолошки напади, бидејќи тие се направени од материјали кои имунолошкиот систем ги препознава како туѓи предмети, но не како непосредни закани.
Колоректалниот карцином е еден од најчестите видови рак, додека ракот на
јајчниците е особено смртоносен бидејќи обично се дијагностицира во
доцните фази.
Извор:
Good News Network
Фото: Jeff Fitlow/Rice University