Европската вселенска агенција го лансира телескопот „Хеопс“, прв од својот вид, кој ќе служи не за барање, туку за детално проучување на стотици од околу 4.000 егзопланети откриени досега.
Наречен „Хеопс“ (CHEOPS - Characterising Exoplanet Satellite), апаратот од 300 килограми во вредност од 50 милиони евра беше лансиран со ракетата „Сојуз“ од космодромот „Куру“ во француска Гвајана. Првиот обид во вторникот не беше успешен, па Европската вселенска агенција го презакажа лансирањето за среда, по што беше успешно.
Телескопот ќе биде позициониран на 700 километри над Земјата, при што основниот инструмент ќе биде насочен кон ноќната страна на планетата, за сончевата светлина да не ја попречува глетката кон вселената.
Опремен со една камера, „Хеопс“ ќе гледа кон ѕвездите, околу кои веќе знаеме дека орбитираат егзопланети. Преку транзитниот метод астрономите ќе се обидат да ја определуваат големината и да им ги истражуваат атмосферите, добивајќи важни информации за формирањето и еволуцијата на разнообразни светови надвор од Сончевиот Систем.
За време на мисијата „Хеопс“ ќе изучува помеѓу 300 и 500 планети.
Лансирањето на телескопот/Фото: Sergei Savostyanov
Астрономите ја открија првата егзопланета пред околу три децении со помош на телескопите на Земјата. Оттогаш е дадено зелено светло за неколку мисии, чија цел е да се откријат повеќе нови светови, меѓу кои на минатата година и на „пензионираниот“ вселенски телескоп „Кеплер“ и на телескопот „ТЕЅЅ“, (Тransiting Exoplanet Survey Satellite), лансиран во април 2018 година.
„Хеопс“ е првиот вселенски телескоп проектиран не да бара, туку да изучува веќе познати егзопланети. Меѓу објектите на набљудување ќе бидат разни светови - од мини Нептуни до ледени и гиганти од гас, објаснува Дејвид Ернрајх од универзитетот на Женева, Швајцарија.
- Откривањето на егзопланетите е веќе норма. Треба да преминеме во нова ера, во која ќе почнеме да ги карактеризираме и определуваме својствата на планетите во детали - вели астрономот Мет Грифин.
Специјалистот е дел од тимот на иден проект на Европската вселенска агенција за
истражување светови надвор од Сончевиот Систем.