X
 07.04.2019 Живот

100 денари од час за паркинг со крави, лепешки и заклучено „Македонско етносело“, четирите технички школи во Скопје ги водат професори по физичко... Што истражувавме неделава?

За паркинг во комплексот „Македонско етносело“ со лепешки и крави ќе платите 100 денари од час, учениците во Француското интернационално училиште (ЕФИС) ги оставија мобилните дома, четирите технички школи во Скопје ги водат професори по физичко, како образованието во светот се справува со талентираните и надарени деца, а зошто петмина средношколци-физичари не може да заминат на Олимпијада во Полска. Ова се дел од темите на кои им се посветивме минатата недела

Учениците во Француското интернационално училиште (ЕФИС) немаат мобилни телефони, тие играат друштвени игри, имаат социјален живот. Како функционира ова училиште ни објасни директорот Лоран Изел.
Пролетта е период вообичаено резервиран за франкофонијата во цел свет. Ни Македонија не е исклучок. Интересни настани во кои се вклучени ученици, нивните наставници, но и родителите се организираат во Француското интернационално училиште (ЕФИС), но и активности на отворено, предизвикувајќи воздишки и кај случајни минувачи.


Лоран Изел

Поразговаравме со директорот на ова училиште, Лоран Изел, кој е сосема нетипичен директор за македонски услови. На многу настани тој настапува со учениците од училиштето, свирејќи на гитара и пеејќи. Тема на годинашното одбележување на деновите на франкофонијата е патување, што ја предложи Францускиот институт.

Како да го положите матурскиот испит по математика советуваше професорката Фросина Митрушева. Подготовките за државната матура, која ќе се полага во јуни, може да бидат исклучително стресни за секој ученик. Особено за оние што се под притисок за петки поради уписот на саканиот факултет.
Професорката Митрушева, која предава математика во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, за Факултети.мк подготви совети за матурантите како да го положат и да остварат подобри резултати на тестот.
Таа објаснува дека односот кон полагањето на матурските испити кај учениците е различен. Исто како што е различен и односот кон учењето во текот на годините школување. Некои го чекаат последниот месец пред полагањето за да се подготвуваат за испитите. Но, голем дел од учениците веќе во второто полугодие почнуваат да ги чувствуваат стравот и стресот од испитите што ги чекаат во јуни.
- Би им препорачала добро да ја разгледаат матурската испитна програма, во која се наведени областите, темите и барањата на испитот. Ќе се уверат дека за просечен ученик, со просечни знаења, испитот не би требало да претставува никаква тешкотија. Програмата можат да ја најдат на интернет, на страницата matura.gov.mk – ни објасни Митрушева.


Испитот не би требало да претставува никаква тешкотија

Празен паркинг со пет-шест крави кои го обележале просторот со лепешки ќе ве пречека пред комплексот „Македонско етносело“ кај скопското село Горно Нерези, на планината Водно. Во околината не работи ниту еден угостителски објект. Сепак, за еден час паркирање ќе си платите 100 денари. Ова правило важи за автомобилите, не за кравите, иако и тие се паркирани покрај вашето возило. Факултети.мк го посети овој комплекс за кој државата плати повеќе од 6 милиони евра буџетски пари, а веќе шест месеци е заклучен.



Од Градски паркинг - Скопје неколку дена не одговорија на нашите прашања дали сè уште е активен паркингот „Зона А02 - Водно - Локација - Манастир Св. Пантелејмон“, кој има 155 места за паркирање. И за што наплаќаат по 100 денари од час кога сите угостителски објекти се затворени?!

Четирите технички средни училишта во Скопје во оваа учебна година имаат директори што дипломирале на Факултетот за физичка култура или како што популарно се нарекуваат „дифовци“ (од изразот Државен институт за фискултура, кој порано се користел). Овој куриозитет ни се виде интересен и затоа решивме да ги собереме на едно место и да ги запознаеме подобро.

- Статистички, на ниво на поранешна Југославија најмногу менаџери и директори во основните и средните училишта беа „дифовци“, а по нив - одделенските наставници. Јас сум убеден дека не е случајно што се погодивме во оваа учебна година да бидеме сите директори од Факултетот за физичка култура, оти како индивидуи сме посоцијализирани, имаме менаџерски дух и сме отворени за соработка. Сите ние сме колеги, нонстоп се среќаваме по натпревари, сме носеле екипи. Ги познаваме работите на училиштата и дојдени сме за да го подигнеме нивото на стручното образование, пред сè, - ни одговори Димитар Ѓорѓиев, директор на електротехничкото училиште „Михајло Пупин“.


Директорите на средните технички училишта во Скопје


Теона Тасеска, Венеса Бакреска, Елена Бакреска, Ангела Бушеска и Александар Стојчески се ученици во трета година во средното училиште „Јахја Кемал“ од Струга на кои им се потребни 3.500 евра за учество на Интернационалната олимпијада за млади физичари (IYPT), која во јули ќе се одржи во Полска. На учениците им виси учеството на оваа олимпијада и бараат поддршка за да може да ги покажат своите знаења.



- Единствено нешто што ни пречи да земеме учество на овој натпревар се финансиските средства, кои изнесуваат околу 3.500 евра, при што до 20 април треба да се исплатат трошоците за учество, кои изнесуваат 1.400 евра за целиот тим. Досега ја контактиравме Агенцијата за млади и спорт, но бидејќи е изборен период, не добивме финансиска помош. За него не е можно да се одржи селекционен натпревар поради малата заинтересираност и поради тоа што нема акредитација. Проблемот со акредитацијата за селекционен натпревар е тоа што Министерството за образование и наука дава акредитација само за натпревари по предметите што се изучуваат во училиште - велат учениците.
Тие бараат финансиска поддршка за да може да ги измерат силите со нивни врсници од целиот свет.



Д-р Ребека Елис

Ребека Елис, истражувач и соработник на универзитетите „Џон Хопкинс“ и „Њу Орлеанс“ ни раскажа со какви предизвици се соочуваат талентираните и надарените деца во светот. Тоа е ученикот кој најчесто го малтретира наставникот, тоа е кловнот во одделението, тој што постојано пречи на часот, се жали дека му е досадно, или е повлечен, интровертен, слабо комуницира. За жал, често овие учениците се дел високите од 95 отсто надарени деца што системот не ги препознава, а најчесто така поминуваат и низ животот.

- Тие имаат различен мозок од останатата популација. Затоа класичната училница за нив најчесто е токсична – вели д-р Ребека Елис, истражувач и соработник на универзитетите „Џон Хопкинс“ и „Њу Орлеанс“ во Соединетите Американски Држави и соработничка на канцеларијата на УНИЦЕФ во нашата земја.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот