Од понеделникот „Епл“ почна со емитување на нивното долгоочекувано реално шоу
Planet of the Apps. Емисијата е со стандарден формат за секое реално шоу, а дејството се врти околу натпреварувачите, девелопери на апликации, кои ги претставуваат своите идеи пред судиите кои ја одбираат најдобрата идеја.
Емисијата ја води Зејн Лови, ди-џеј и продуцент на радиото Beats 1 на „Епл“. Првата епизода премиерно е прикажана во текот на WWDC event во Сан Хозе, додека во јавност беше пуштена два часа подоцна. Истровремено беше пуштен и трејлерот преку Јутјуб каналот.
„Епл“ уште минатата година најави дека работи на осмислување на реално шоу, но дури подоцна стана јасно за што станува збор. Тие ги повикаа некои од најталентираните девелопери на апликации во светот, поточно сто од нив, да ги презентираат своите идеи пред жири, во кое, освен експерти, членуват и популарни лица.
Секој девелопер има точно 60 секунди за презентација на својата идеја, точно колку што трае возењето на ескалатор од подиум што се наоѓа на врвот до платформата каде е сместено жирито. Сцената изгледа многу ефектно и интересно, а како што се приближуваат кон дното на подвижните скали, видлива е зголемената нервоза кај кандидатите.
Кога ќе се симнат од ескалаторот, идеите за нивните апликации ги оценуваат актерките Џесика Алба и Гвинет Палтроу, музичарот Wii.i.am и бизнисменот Гери Вајнерчук. Тој знае за што точно се работи, со оглед дека бил инвеститор во „Убер“, „Снепчет“, „Фејсбук“, „Твитер“ и „Тиндер“.
Првата епизода може уште кратко време да се погледне на страницата
Apple Music, додека следните девет од вкупно десет епизоди, ќе бидат достапни само на таа страница на „Епл“.
Иако веќе е најавено,
Carpool Karaoke шоуто на „Епл“ е одложено за извесно време, но ветуваат дека ќе се појави до крајот на оваа година.