X
 07.04.2019 Технологија

Првото беспилотно такси-дрон возило за двајца патници

Иако повеќе е мал чекор отколку голем скок, првото јавно издание на беспилотното „такси-дрон“ возило во Виена даде увид во иднината на урбаните патувања.

Неколку големи компании како „Боинг“ и „Ербас“ работат на сопствена верзија на технологијата, но кинеската компанија „ЕХанг“ прва го објави леталото во главниот град на Австрија. Сепак, леталото сè уште не е сертифицирано за австрискиот воздушен простор, така што остана во границите на стадионот од околу 10 метри за време на тест-летот.

Фотографот Џо Кламар од Еј-фи-пи беше еден од првите што се качија на леталото.

- Интересно, меко и неверојатно бучно. Роторите се страшни, но се навикнавме - беа неговите впечатоци.

3

„ЕХанг 216“ е опремен со осум сета на ротори што емитираат ниво на бучава од 90 децибели, што е под бучавата што ја предизвикува обичниот хеликоптер, но доволно е гласна за да биде непријатна.

Компанијата се надева дека ќе го намали нивото на бучава до 75 децибели.

Според „ЕХанг“, дронот ќе се користи за превезување патници на ниска надморска височина до 35 километри, но засега чека одобрување за употреба од страна на воздухопловните власти.

- Нашиот најголем предизвик не е технологијата, не е регулацијата, туку менталитетот на луѓето - изјави главниот маркетинг-директор на „ЕХанг“, Дерик Ксионг, мислејќи на можното вознемирување на патниците со кое би се соочиле во текот на летот.

2

Компанијата вели дека добила илјадници нарачки, како и дека работи со австриската аеронаутичка компанија Еф-еј-си-си за да започне со масовно производство наредната година.

Ксионг вели дека се заинтересирани компаниите за нафта и гас, кои сакаат да ги транспортираат инженерите од една на друга платформа, како и туристичките компании и фирми што транспортираат органи за трансплантација.  

Се очекува леталото да чини околу 200.000 евра, но нема да биде достапно за приватни купувачи. Компанијата вели дека нејзиното беспилотно летало може да лета само 30 минути и да достигне брзина до 130 километри на час и да носи 260 килограми. Со својата 17-киловатна батерија, потрошувачката на енергија за патување е споредлива со електричен автомобил во урбана средина.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија