X
 07.04.2022 Живот

Министерот за здравство порачува дека протестите се задоцнети

Протестот денеска, на Денот на здравјето, е со причина дека ништо не се смени, за жал, Владата не исполни ниту едно наше барање, рече Лидија Чолакова-Дервишова

Протестот на лекарите е легитимен, но не е навремен, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали, кој на прашањето дали Министерството ќе им излезе во пресрет на нивните барања рече:

- Сите претставници на здруженијата знаат дека работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Сметам дека денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање. Тие денеска ќе ми бидат гости и драго ќе ми биде да ги видам како група на протестот.

Матичните лекари денеска го одржаа најавениот мирен протест пред Министерството за здравство откако Управниот одбор на Здружението на приватни лекари на Македонија на втори овој месец одлучи по третпат да излезе на мирен протест бидејќи не е исполнето ниедно од нивните барања.

- Получасовниот протест на Денот на здравјето е бидејќи ништо не се смени. Првпат имаме министер кој е од примарното здравство и кој ги разбира нашите проблеми, исто и заменик-министер кој е од терцијарното здравство и кој ги разбира нашите проблеми. Но, за жал, Владата не исполни ниту едно наше барање - изјави за Факултети.мк  Лидија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Македонија. 

- Оставивме доволно време да се формираат групите, но тие не проработеа. Бараме покачување на капитациониот бод, кој пред четири години беше зголемен на 63 денари по пациент и оттогаш не добиваме никакви средства плус, а сѐ е поскапено, гориво, струја, животни трошоци - вели Чолакова-Дервишова.

Таа нагласи дека бараат да се смени начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти и да се воведат нови лекови. Воедно бараат да се најде нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, односно се бараат решенија за да има лекари и за опстанок на примарното здравство.

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот