И денеска часовите на гимназијалците од македонска настава се одржаа на градскиот плоштад во Тетово. Учениците велат дека крајно време е надлежните институции да го решат овој проблем.
„Повеќе од 20 дена не посетуваме настава. На крајот излеговме под отворено небо да држиме часови“, револтирани се учениците.
Со транспаренти на кои пишуваше „Сакаме училиште“, тие се упатија кон општинската зграда, каде што бараа средба со градоначалничката Теута Арифи. Но, на состанокот се појавија раководителот на Секторот за јавни дејности Ахмед Ќазими и директорот на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ Намикќемал Мустафа. Родителите, учениците и професорите децидни – бараат одржување на наставата во постоечкиот објект на гимназијата и тоа во три смени со скратени часови, што се предложило на последниот состанок со министерот за образование и градоначалничката.
Учењето во три смени со скратени часови е опција додека не се изврши доградбата на старата гимназија, каде што и македонските паралелки ќе може да се интегрираат. Но, од локалните власти тврдат дека од нивна страна било испратено официјално барање до ресорното министерство за овој предлог, но од таму немаат добиено дозвола, истакнувајќи дека таквиот начин на одржување настава е противзаконски.
Од локалните власти истакнаа дека сите се обидуваат да дојдат до заедничко решение, кое подразбира интеграција на сите ученици и Македонци и Албанци.
„ Ова е долгогодишен и комплексен проблем и работиме на негово решавање. Сите наши напори покажуваат дека сакаме интеграција, но постојат законски норми и административни проблеми кои во најкус можен рок ќе ги решиме “ рече Ахмед Ќазими од Секторот за јавни дејности при општина Тетово.
По долгата расправија, од локалните власти побараа учениците да се вратат во привремените простории, во Народниот Универзитет „Кочо Рацин“ и дел од просториите во старото средно медицинско училиште. На тоа родителите и професорите бурно реагираа велејќи дека не го прифаќаат тој предлог, заради мизерните услови во тие простории, каде што учениците ги поминаа изминатите две години.
За утре, учениците и професорите најавија одржување на наставата во општинската зграда и побараа средба со градоначалничката.