X
 07.05.2021 Наука

Колективен имунитет во САД? Еве што мислат научниците за тоа

Научниците сакаат да знаете дека прагот на колективен имунитет не е единствен, статичен број. Но, не е ниту недостижна цел.

Многу експерти веруваат дека САД се приближуваат до точка каде што доволно луѓе или ќе се заразат со ковид-19 или ќе бидат вакцинирани, така што коронавирусот повеќе нема да може лесно да се шири - дефиниција за колективен имунитет. Но, на тој праг никогаш не треба да се гледа како на фиксна точка, велат научниците. И, секако, постигнувањето колективен имунитет дефинитивно не би ја прекинало пандемијата.

Наместо тоа, колективниот имунитет во САД е подвижна цел што земјата треба да ја постигне со текот на времето.

- Технички, секогаш кога ќе забележиме пад на случаите, тоа посочува дека има доволно колективен имунитет за случаите да се намалат, со оглед на другите состојби што се случуваат - вели Дејвид Дауди, епидемиолог од Школата за јавно здравје „Џон Хопкинс“.

- Но, како што луѓето го менуваат своето однесување, како што се менуваат годишните времиња, како што се појавуваат нови видови, така ќе се менува и овој број, така што не постои магичен број кој, откако ќе стигнеме до него, секогаш ќе биде тука за да ги реши нашите проблеми - вели Дауди.

- Треба да видиме: колку често го следиме вирусот? Колку често произведуваме нови вакцини и ги вакцинираме луѓето? - вели Рахул Субраманијан, научник за податоци од Универзитетот во Чикаго.

Едноставно кажано, колективниот имунитет ја вклучува пресметката: колку брзо се шири коронавирусот помножено со процентот на популација подложна на инфекција. Добиената вредност, позната како ефективен репродуктивен број, претставува просечен број на секундарни случаи кои произлегуваат од единечна инфекција. Ако тој број е помал од 1, населението технички постигнало колективен имунитет.

вакцини
Фото: Freepik

Имунитетот развиен како одговор на вакцинацијата и природните инфекции го намалува овој репродуктивен број. Но, повеќе заразни варијанти и зголемена социјална интеракција го зголемуваат бројот. Тешко е да се знае точно кога вирусот ќе престане да се шири - особено ако не успее да се тестира секој случај и ако не успеат да се следат варијантите.

Д-р Ентони Фаучи, директор на Националниот институт за инфективни болести во САД, вели дека од 70 до 85 отсто од населението во САД ќе треба да се вакцинираат за да се постигне колективен имунитет.

- Можете да вакцинирате 50 отсто од популацијата, но ако се погрешните 50, ако овие 50 се изложени на најмал ризик да се заразат, тогаш тоа значи дека го минувате прагот. Клучот е овие бројки да станат доволно високи, така што дури и кај популациите што се изложени на најголем ризик од инфекција ќе имате доволно вакцинирани за да направите разлика - вели Дауди.

Во идеален свет, Субраманијан вели дека коронавирусот ќе биде сличен како малите сипаници: вирус кој се задржува на ниско ниво во популацијата, но бара две дози на вакцини во детството.

- Не е дека сме ги искорениле сипаниците. И понатаму тие се присутни во другите земји, но во САД имаме статус на колективен имунитет против нив со помош на вакцинирањето - вели Субраманијан.

Но, поверојатно сценарио, според него, е дека коронавирусот ќе претставува годишна закана како сезонскиот грип: вирус кој постојано мутира и го прави колективниот имунитет тежок за одржување.

- Прашањето дали имаме колективен имунитет на грипот секогаш се менува, бидејќи може да имаме добар имунитет кога ќе вакцинираме во една сезона, а веднаш штом ќе се промени вирусот, повторно е потребна вакцинација. Мислам дека ова ќе биде ендемична инфекција и мислам дека во одреден момент ќе треба да ажурираме и да обезбедиме дополнителни вакцини - вели тој.

Извор: Business Insider
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука