X
 18.08.2021 Живот

Исланд е доказ дека вакцините функционираат - и покрај големиот број новозаразени, нема смртни случаи


Исланд објави дека има 2.847 нови инфекции во текот на минатиот месец, главно од високо заразниот делта-сој и кај вакцинирани луѓе. Ова е најголемиот број на нови инфекции во еден месец од почетокот на пандемијата, но се чини дека вакцините си ја вршат работата. Поголемиот дел од новите инфекции се благи во најлош случај.

Од 1.239 Исланѓани кои биле регистрирани како заразени со ковид-19 во неделата, 3 отсто биле во болница, покажуваат податоците.

Земјата нема регистрирано ниту еден смртен случај од ковид-19 од 25 мај, покажуваат владините статистики.

Карлос дел Рио, истакнат професор по медицина во Одделот за заразни болести на Медицинскиот факултет Емори, на „Твитер“ објави дека Исланд докажува дека вакцините функционираат.

Брендон Гатри, епидемиолог и професор по глобално здравје на Универзитетот во Вашингтон вели дека има малку смртни случаи или тешки форми на болест во контекст на големите бранови што апсолутно треба да се гледа барем како делумна победа.

Исланд се наоѓа на четвртото место во светот по имунизација на населението, откако успешно вакцинираше 70,6 отсто од своето население. Трите земји со повисоки стапки на вакцинирани се Малта (80,5 отсто), Обединетите Арапски Емирати (73,7 отсто) и Сингапур (73,1 отсто). За споредба, светскиот просек е 23,6 отсто.

Повеќето Исланѓани се вакцинирани со вакцината „Фајзер“, која е околу 83 отсто ефикасна против делта-сојот. Земјата исто така користеше вакцини на „Модерна“, „Астра Зенека“ и „Џонсон & Џонсон“.

Од понеделникот имало 306 Исланѓани на возраст од 18 до 29 години кои биле во изолација, во споредба со само четири лица постари од 90 години. Повеќе од 98,2 отсто од оние над 90 години се целосно вакцинирани во Исланд, во споредба со 79,8 отсто од луѓето на возраст од 16 до 29 години.

И покрај успешната вакцинација, исландските здравствени службеници ги одржуваат ограничувањата барем до 27 август. Тоа значи ограничување на 200 лица на собири, физичко дистанцирање, маски за лице во простории каде има гужва и работа на рестораните и баровите до 23 часот.

Од почетокот на пандемијата Исланд регистрираше 9.522 инфекции и 30 смртни случаи.

Извор: Business Insider
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот