X
 31.01.2019 Живот

Наградите за полова еднаквост во ОАЕ доделени само на мажи

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) станаа предмет на исмејување на „Твитер“ откако во оваа земја наградите во рамките на иницијативата „Еднаквост на половите на работното место“ им беа доделени само на мажи.

Наградата, која ја доделува потпретседателот на ОАЕ, шеикот Мухамед бин Рашид ел Макрум, опфаќа три категории: најдобра личност што ја поддржува половата рамнотежа, најдобро одделение на владата кое ја поддржува половата рамнотежа и најдобра иницијатива која ја поддржува половата рамнотежа. И сите три награди заминаа во рацете на мажи.

Објавата на „Твитер“, чија цел беше ОАЕ да се промовираат како бастион на еднаквоста на половите и одделенијата да се пофалат со награди, наиде на потсмев од страна на другите корисници на оваа социјална мрежа.

Британските медиуми пренесоа дека наградите им биле доделени на Министерството за финансии, Министерството за човечки ресурси и на Државната управа за конкурентност и статистика, а сите институции биле претставувани од мажи. Руските медиуми, пак, пренесуваат дека борците за еднаквост на половите на ваквиот развој на настаните истовремено можат да се смеат, да стискаат тупаници од бес и да плачат во очај.

Бурната реакција на корисниците на социјалните мрежи поттикна дискусија за еднаквоста на половите генерално, а не само во ОАЕ, па еден твитерџија порача дека ако ова нè чуди, треба да погледнеме како изгледа листата со номинирани за „Оскар“ за најдобра режија (на која, по правило, има само машки имиња).

Покрај ваквиот развој на настаните, во извештајот на Развојната програма на ОН од 2018 година се наведува дека ОАЕ направиле големи чекори во спроведувањето на половата еднаквост на работното место.

Меѓу земјите од Персискиот Залив, ОАЕ се највисоко рангирани кога станува збор за вработување жени. Во извештајот на ОН се наведува и дека меѓу академските граѓани 43 отсто се жени, а само 23 отсто мажи. Бројот на вработени жени во ОАЕ од 1975 година од 1.000 се зголемил на 135.000.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот