Од 2000 година па сѐ до денес националните оценувања, дигиталните технологии и стандардизираната настава се клучни состојки во образовните реформи во светот. И додека многу земји во светот следеа ист тренд, една земја го градеше образовниот систем користејќи свој домашен пристап
Ако сте биле наставник пред две децении, не би ни знаеле дека финскиот образовен систем е нешто посебно. Можеби ќе слушавте за интернационални оценувања и оние земји што се нашле на врвот на тие листи би ги сметале за земји со најдобар образовен систем.
Но, не постојат едноставни одговори на често поставуваните прашања за тоа зошто финските училишта се толку успешни. Важно е да се напомене дека успехот не им е планиран. Сепак, постојат три најчесто споменувани фактори.
Прво, како и за сѐ друго во животот, одлуките за тоа како да се најправи најдоброто треба да бидат поблиску до практиката. Затоа образовните политики се работа на локалните заедници. Понатаму, финските наставници уживаат автономија и можат да прават што сакаат. Сепак, постојат надворешни инспекции, но имаат поинакви форми под одговорностите на училиштата.
Второ, ако сакате вашиот бизнис или фудбалски тим да процвета, треба да инвестирате во своите луѓе. Пред многу време Финците сфатиле дека е потребно добро да ги обучат наставниците. Во Финска основниот услов за да предавате е да имате магистратура издадена од некои од истражувачките универзитети. Но на наставниците се гледа како на доктори или адвокати и се добро платени.
Трето, образовната политика на Финска има силен фокус на обезбедување еднакви можности за сите деца да имаат успех во училиштето. Владите од 70-тите инвестираат особено во училиштата во кои има повеќе деца со посебни потребни за да ги надополнат недостатоците што ги имаат поради семејната заднина.
Децата во финските училишта имаат платени оброци и здравствена заштита, но и избалансирана наставна програма која вклучува и уметност, музика, рачни вештини и други неакадемски области.
Митови за образованието во Финска
Во последно време се слуша дека Финска ќе ги укине традиционалните предмети и ќе ги замени со настава базирана на проекти. Но, тоа е мит.
Постои и „урбана легенда“ дека децата немаат домашни задачи. Други веруваат дека Финците измислиле програма со која децата се полнат експресно брзо со знаење и таа ги доведува до одлични резултати.
Постојат и такви што веруваат дека тоа е монокултурно општество. Ако сакате да го разберете образованието во Финска, отфрлањето на овие и други митови е првата работа што треба да ја направите.
Факти за образованието во Финска
- Финска се наоѓа на врвот на листите на ПИСА од 2000 година.
- Сите шестгодишници посетуваат половина ден предучилишна настава, а 75% од децата од 3 до 5 години одат во градинка.
- Задолжителното образование е за деца од 7 до 16 години и се реализира во основни училишта финансирани од државата.
- Нема приватни училишта, нема униформи и има многу малку верски училишта.
- Средното образование има две насоки: академско и стручно.
- Нема стандардизирани тестови пред завршувањето на матурата, на крајот на академското средно училиште.
- Финска троши 5,7% од националното богатство (БДП) на институциите од основно до високо образование.