X
 26.05.2021 Образование

Правниот факултет при УКЛО поттикнува меѓународна афирмација на студентите

М-р Весна Шапкоски, докторанд на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, е меѓу 30. учесници од Југоисточна Европа и поширокиот регион што ќе бидат дел од годинашната СИДИ – Школа за интернет-владеење, дигитални политики и иновации.

Школата ќе се одржи целосно виртуелно, во периодот од 31 мај до 11 јуни 2021, а учесниците ќе имаат можност да научат повеќе за дигиталните иновации, влијанието на интернет и други технологии на нашето општество и економија, како и за различните димензии на дигиталните политики и интернет-владеењето.

Школата е коорганизирана од страна на Националниот универзитет за политички студии и јавна администрација од Букурешт, Романија, Интернет-корпорацијата за доделени имиња и броеви и Дијалогот на Југоисточна Европа за управување со интернет, со поддршка од повеќе меѓународни, регионални и локални партнери.

Инаку, деканот на Правниот факултет, проф. д-р Горан Илиќ, ја истакна и континуираната заложба на Факултетот за охрабрување и поттикнување на студентите, постдипломците и докторандите во нивните амбиции за достигнување на врвовите на професијата и науката и нивното меѓународно афирмирање и етаблирање. Додека, со оглед на новите трендови во развојот на техниката и технологијата, деканот нагласи дека Правниот факултет во полн капацитет настојува да биде во чекор со предизвиците на дигиталната технологија, поради што оваа академска година на Факултетот беше конституирано и Одделение за ИКТ-подготовка на правници со цел инволвирање на студентите на Правниот факултет во работата со новите технологии поврзани со правото како научна дисциплина и правото како професија.

ilik

Успехот на м-р Весна Шапкоски претставува огромен успех и на Правниот факултет и на Универзитетот, нагласи деканот. Исто така, тој укажа дека Факултетот и понатаму ќе продолжи да работи на полето на осовременување на наставната дејност на сите три циклуси и ќе настојува и понатаму да ги мотивира сопствените студенти, постдипломци и докторанди за нивна меѓународна афирмација и вклучување во современите текови на науката и технологијата.
На ваков начин уште еднаш се потврдува определеноста на Правниот факултет и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ кон интензивирање на меѓународната активност, меѓународната препознатливост и следењето на современите текови во развојот на дигиталната технологија, но и отворањето на професионалните перспективи за студентите од Факултетот во градењето на нивната лична и стручна компетитивност.

3

#Еден_е_Правен
#УКЛО_Битола

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование