X
 06.02.2018 Живот

Германија: Увоз на негуватели на големо

негуватели
Фото: J.Kalaene

Песимистичките прогнози укажуваат дека во Германија наскоро ќе недостигаат стотици илјади негуватели на стари лица. Целиот систем на нега одамна би колабирал доколку странските негуватели не се пријавеле за работа. Но дали ова ќе биде доволно на долгорочен план?

Околу 3,3 милиони луѓе во Германија се упатени на нега, покажуваат бројките од федералното министерство за здравство. А бројот се зголемува затоа што општеството брзо старее. До 2030 година ќе има повеќе од четири милиони луѓе што ќе имаат потреба од негуватели. Меѓутоа, денес веќе нема доволно негуватели. Според Агенцијата за вработување, во март минатата година имало само 3.000 невработени негуватели наспрема 14.600 слободни работни места.

Овој дефицит ќе расте. Германската фондација за заштита на пациентите смета дека во наредните 8 години ќе недостигаат 200.000 негуватели. До 2030 година овој недостиг би можел да се зголеми на половина милион.

Мал број млади луѓе се одлучуваат за оваа работа, а и оние што се одлучуваат често по неколку дена се откажуваат. Работните услови се тешки, вели Ојген Бриш од германската фондација. „Многу негуватели се откажуваат од работата бидејќи ги достигнуваат нивните физички и психички граници“.

И лошата плата игра голема улога. Според наводите на Институтот за истражување на пазарот на трудот, негувател со полно работно време просечно заработува 2.621 евро, што е за 16 отсто помалку од просечната плата. Во уште полоша состојба се негувателите што не ја поминале стручната тригодишна обука. Тие во просек заработуваат по 1.870 евра бруто.

Корнелија Хинце, експерт за истражување на квалитетот на животот, вели дека германските негуватели заминуваат од Германија и одат во странство каде што платата е подобра - Австрија и Швајцарија се првите земји за избор, но и во скандинавските земји.

Старските домови и болниците во Германија на недостигот на персонал реагираат така што бараат нова работна сила од земјите во кои платите се значително помали отколку во Германија и во земјите каде што владее невработеноста. Источна Европа, Балканот, но и Филипините се главен извор на работна сила.

Мислењата за странските негуватели се различни. Гернот Кифер, член на Управниот одбор на здруженијата за задолжителни здравствени осигурувања, и претходно предупредил: „Наивен е секој што мисли дека предизвиците можат да се решат со увезување работна сила“.

Кога станува збор за политиката, претседателот на социјалдемократите, Мартин Шулц, уште за време на изборната кампања се заложи за отстранување на бирократските пречки за вработување странски работници. Без негуватели од Источна Европа, системот за нега на постарите лица во Германија одамна би бил уништен, вели Шулц.

Во преговорите за идна коалиција меѓу социјалдемократите и демохристијаните планирано е да се отворат 8.000 нови работни места на ова поле. Ова е многу мало ако се земе предвид дека постојат дури 13.500 институции што вработуваат негуватели.

Но и кај тие 8.000 работни места политичарите не создаваат илузии дека со тоа ќе се реши проблемот.

„И ние знаеме дека ќе биде тешко да се пронајдат луѓе за тие 8.000 работни места“, вели пратеникот Георг Нислајн. Но големата коалиција сака да се потруди, така што негувателите би добивале подобра плата, а би се намалил стресот и би се намалиле работните саати.

Но Германија нема да успее без дополнителните негуватели од странство. Притоа, проблемот е непознавањето на јазикот, а комуникацијата е особено важна во работата со стари лица, кои понекогаш имаат деменција или се осамени. Освен тоа, странските дипломи во Германија не секогаш се признаени и не се доволни за вработување.

Извор: Дојче веле
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот