X
 07.07.2020 Технологија

Најнапредните изуми на големите компании што прават роботи

Роботи - некои ги сакаат, а некои се загрижени дека ќе им ги украдат работните места. Има и луѓе што мислат дека тие ќе го преземат целиот свет.

Роботите, или хуманоидите, стануваат сè поспособни, покорисни и понекогаш пострашни поради брзиот развој на вештачката интелигенција. Првите комерцијални роботи не се движеле и биле направени со цел да вршат една задача. Меѓутоа, денешните роботи имаат функционални екстремитети, може да се движат, па дури и да летаат. Некои се направени за работа, а некои само за забава. Во продолжение следуваат некои од најнапредните роботи што се создадени досега.

„Аибо“ од „Сони“

Станува збор за роботско куче кое беше претставено во 2018. Тоа може да се однесува и да реагира реалистично, толку многу што го препознава лицето или гласот на сопственикот. Алгоритмите на кучето се сместени во облак, што значи дека сите вакви роботи низ светот учат колективно, односно сите примероци учат од искуствата на другите. Кучето може да препознае и да реагира на над 100 различни лица. Роботот чини нешто помалку од 3.000 долари.


„Асимо“ од „Хонда“

Ова е еден од најнапредните хуманоидни роботи. Тој може самостојно да учи, да оди на две нозе и да се качува по скали. „Асимо“ првпат бил претставен во 2000 година како еден од првите роботи на две нозе што може да се движат, но оттогаш многу напредувал. Роботот денес може да комуницира со луѓе, како и да препознава и да реагира на разни предмети.

„ТХР-3“ од „Тојота“

Роботот бил создаден за да има повеќе улоги. Тој може да биде програмиран за да научи или да се однесува на разни начини, на пр., да чисти, да гради или да се грижи за некого. Тој е дизајниран на тој начин што човекот може да ги контролира неговите движења со далечински управувач кога ќе посака.

„Спот“ од „Бостон дајнемикс“

Овој робот вреден 70.000 долари се користи за разни цели. На пример, тој досега се користел за правење фотографии при изградба на згради, истражувања на НАСА, како и следење на ефективноста на мерките за физичко дистанцирање во Сингапур.

„Бот ритејл“ од „Самсунг“

Овој робот е направен за да работи во продажба. Тој може брзо да се движи помеѓу луѓето во трговските центри, да ги насочува купувачите кон производи што ги бараат или да прави предлози за пазарење. Роботот може да анализира човечки јазик и изрази на лицето.

„Акванот“ од „Хјустон мехатроникс“

Овој робот може да биде автономно возило и хуманоиден робот. Тој може да функционира во најлошите услови на планетата, дури и длабоко во океаните. Тој е комбинација од подводен дрон и возило за одржување и со тоа може автономно да поправа структури, на пр., цевки во околина што е опасна за човекот.


„ЦБ2“ од Универзитетот во Осака

Ова не е најнов робот, но е еден од најчудните. Тој е роботско бебе што било создадено во 2007 за да се анализира невролошкиот развој кај човечките бебиња. Роботот користи технологија за препознавање изрази на лицето за да разбере емоции и физички реакции, а со тоа им помага на истражувачите подобро да го разберат когнитивниот развој кај луѓето.

„Софија“ од „Хенсон роботикс“

Ова е првиот робот што е граѓанин на некоја држава. Саудиска Арабија му додели државјанство на роботот во 2017. Дизајниран е за да наликува на актерката Одри Хепберн, а луѓето што стојат зад неговата изработка го опишуваат како генијална машина која може да прави реалистични изрази на лицето и да води човечки разговор.


Автор: Бернард Мар
Извор: forbes.com
Фото: YouTube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија