Најдобар град за работа од дома е Мелбурн, покажува ранг-листа на платформата за недвижности „Нестпик“.
Австралискиот град добил највисоки оцени во повеќе категории важни за квалитетен живот, како безбедност, здравствена заштита, култура и активности за слободно време, но и инфраструктурата потребна за работа од далечина. Градот е еден од 10 градови на ранг-листата кои нудат таканаречена дигитална номадска виза, што овозможува работа во таа земја за странските работници и хонорарците.
На второ место на ранг-листата се наоѓа Дубаи, по што следуваат Сиднеј, Талин, Лондон, Токио, Сингапур, Глазгов, Монтреал и Берлин.
Фото: Pixabay
Во анализата на „Нестпик“ биле земени предвид 75 метрополи кои биле одбрани врз основа на разни истражувања во кои градовите често биле наведувани како одлични за живот. Градовите биле оценувани во три категории: трошоци и инфраструктура, законодавство и слобода и услови на живот. Биле земени предвид и процентите на вакцинирани жители.
Во Мелбурн, просечната сума за изнајмување стан со една соба изнесува 681 евра месечно. Од анализираните градови, Сан Франциско е најскап со цена за изнајмување простор за работа од 1.736 евра месечно, додека Рио де Жанеиро е најевтин со 119 евра месечно.
Извор:
EKapija