X
 23.10.2018 Образование

Училиште во Мелбурн ќе ги поттикнува девојчињата на физичка активност со задолжително носење на шорцови

Едно училиште во Мелбурн го направи задолжително носењето шорцови и панталони за да охрабри физичка активност кај девојчињата.

Децата од претшколска возраст и оние од прво одделение во училиштето „Лаутер Хал“ во предградието на Мелбурн - Есендон, во австралиската сојузна држава Викторија се ослободија од здолништата и фустанчињата кои беа составен дел од униформата. Се верува дека ова е првото приватно училиште во државата кое прави промени во униформата за малите ученички.

Управителката на училиштето, Елизабет Роудс, истакна дека училиштето го преиспитало составот на униформата за таа да биде попригодна.  

Девојчињата претходно истакнале дека се чувствуваат посрамени и спречени од фустанчињата и здолништата додека си играле и некои избирале да седат и да си разговараат наместо да вежбаат.

Роудс се потсети на нејзините училишни денови, кога и самата таа требало да вежба во фустанче, кое ѝ летало над глава и слично. Таа додаде дека има силна поддршка од девојчињата и родителите за потегот и дека и тие имале некаков удел во дизајнот.

Управителите на училиштата се свесни за важноста на физичката активност не само поради превенција од дебелина, туку и за добро ментално здравје.

-Не би била изненадена ако и други училишта сакаат да усвојат униформи кои би промовирале вклученост во физичка активност - вели Родс.

Властите во Викторија минатата година најавија измени со кои ќе им се дозволи на ученичките од јавните училишта да изберат да носат панталони и шорцови наместо фустани и здолништа. Следната година се очекува и ученичките од државата Квинсленд да имаат поголем избор кога станува збор за училишната униформа. Нов Јужен Велс и Западна Австралија го следеа примерот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование