X
 07.07.2024 Наука

Нова протетичка нога што може да биде контролирана од мозокот

Истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс развија нова протетичка нога која може да се контролира преку мозочни сигнали. Ова е достигнување што може значително да го подобри искуството на одење со бионичка нога.

Како што е објаснето во новиот труд објавен во списанието „Нејчр медисин“, истражувачите откриле дека нивната невропротетика ја зголемила брзината на одење за неверојатни 41 отсто во споредба со контролната група која добила конвенционални протези.

Уште подобро, овој уред може да се приспособи во реално време на различни средини, како што се скали и попречени патеки.

- Ова е прво протетичко истражување во историјата кое покажува протеза на нога под целосна неврална модулација. Никој не можеше да го покаже ова ниво на контрола на мозокот што создава природно одење, каде што човечкиот нервен систем го контролира движењето, а не роботски контролен алгоритам - вели Хуг Хер, директор на Центарот за бионика на Институтот за технологија во Масачусетс.

Истражувањето испитувало седум пациенти кои биле подложени на специјална операција која им овозможила прецизно да ги почувствуваат положбата, брзината и вртежниот момент на нивните екстремитети.

За да овозможат поприродно одење, Хер и неговите колеги ја смислија операцијата наречена Еј-ем-ај за да им овозможат на мускулите сè уште да комуницираат едни со други во внатрешноста на преостанатиот екстремитет.

Новата протетика функционира така што открива сигнали што мозокот на носителот ги испраќа до преостанатиот екстремитет. Со директно преведување на овие сигнали во движење, истражувачите открија дека искуството е значително подобрено.

- Овој труд претставува уште еден чекор напред во однос на обновувањето на функцијата кај пациенти кои страдаат од тешки повреди на екстремитетите - вели Метју Карти, вонреден професор на Медицинскиот факултет на „Харвард“.



Извор: Futurism.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука