X
 07.08.2018 Технологија

Како да препознаете лажна апликација?

Во паметните телефони чуваме еден куп важни потенцијално чувствителни податоци. По нив постојано трагаат хакери кои подметнуваат лажни апликации. Еве неколку совети како да ги препознаете и како да се заштитите.

Држете се до проверени „продавници“ за апликации

Ова е основна мерка на претпазливост. Ако набавите апликации надвор од службените и проверени канали, се изложувате на многу поголем ризик, па со апликацијата можете да соберете и вирус или некој друг злонамерен софтвер. App Store, Google Play и другите можеби не се совршени, но барем се трудат да ги проверат апликациите пред да ги пуштат во употреба.

Читајте ги рецензиите за апликациите

Пред да преземете некоја апликација, прочитајте што другите кажале за неа. Немојте да се задржувате само на првите неколку, туку копајте малку подлабоко за секој случај. Имено, хакерите знаат да ангажираат луѓе кои ќе пишуваат пофалби за нивните заразни дела. Внимавајте и на сличните имиња и дали таа е вистинската апликација.

Фото: Tportal

Читајте ги описите на апликациите

Полуписмениот или лошо напишаниот опис може да биде предупредувачки знак дека со апликацијата нешто не е во ред. Истото важи и ако описот е скуден - на хакерите не им се троши многу време на тоа.

Проверете ги дивелоперите

Не само што треба да бидете сомничави кога станува збор за името, туку треба да бидете внимателни и кога станува збор за издавачот на апликацијата. Ако се вика „Месинџер“, не значи дека станува збор токму за апликацијата на „Фејсбук“. Хакерите сметаат дека нема да бидете доволно мудри и внимателни за да проверите кои дивелопери ја издале апликацијата. Докажете им го спротивното.

Фото: Tportal

Проверете ја веб-страницата на дивелоперот

Најдовте апликација која ви се допаѓа, но не знаете ништо за авторите? Интернетот е вашиот пријател. Побарајте ги и дознајте нешто повеќе за нив. Дали имаат официјална страница? Дали таа страница е заштитена со енкрипција (адресата да почнува со https://)? Дали имаат страница на Википедија? Ако одговорот е негативен за сите наведени прашања, треба да се сомневате.

Колку пати е преземена апликацијата?

Проверете колку пати е преземена апликацијата. Станува збор за груба процена, но ќе ви даде барем некаква претстава за тоа дали си имате работа со автентичен софтвер или не. Колку е поголема бројката, толку подобро. За жал, тоа функционира само во „Google Play“, затоа што „Епл“ не објавува такви податоци.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија