X
 29.11.2022 Живот

Светското првенство во фудбал: Вистината за „лажните“ навивачи на Катар

Со илјадници празни места на првите натпревари од Светското првенство, како и со сѐ почестите тврдења за „лажни“ навивачи кои се платени да ги полнат улиците на Доха, метежот во Катар повторно се најде во очите на јавноста.

Истражувајќи ги тврдењата за „лажни“ навивачи во Доха, Би-би-си откри дека страсните навивачи од повеќе земји добиле бесплатни летови и сместувања во замена за позитивни коментари за првенството на социјалните мрежи, а од нив било побарано и да лајкнуваат и споделуваат друг материјал на интернет.

Пред првиот натпревар, стотици навивачи вееја знамиња на земјите од целиот свет, скандираа и пееја по улиците на Доха.

Но, кога на официјалните профили на Светското првенство беа поставени снимки, некои се запрашаа зошто толку многу навивачи изгледаат како да се од Блискиот Исток и Јужна Азија, а навиваат за репрезентации од целиот свет.

- Дали се платени за поддршка на други земји? - пишуваше еден интернет-корисник.

Би-би-си разговараше со Арон Фернандес, жител на Катар, чие семејство има корени од Индија.

Арон тврди дека ваквите коментари упатуваат на пошироко несфаќање на регионот.

Со оглед на тоа што голем број мигранти живеат во Катар, сигурно дека има фудбалски навивачи кои навиваат за различни тимови, објаснува тој.

- Имаме многу навивачи од Индија кои го сакаат спортот и мило ми е што Светското првенство покажа колку Индијците навистина го сакаат фудбалот - вели Арон. Тој додава дека иако Јужна Азија е позната по љубовта кон крикетот, огромен процент на навивачите од регионот исто така следат фудбал.

Бидејќи Индија никогаш не учествувала на Светското првенство, нејзините навивачи често избираат да ги поддржат другите земји, како и да патуваат во странство за да ги гледаат натпреварите.

Многумина во Катар навиваат за Аргентина


Арон е член на два навивачки клуба: Навивачкото движење ФИФА и катарските навивачки лидери.

Групите биле формирани и се управувани од ФИФА и организацискиот комитет на Светското првенство во 2022 година.

Бесплатни хотели и летови

На некои навивачи им биле понудени бесплатни летови, сместување и билети само за да дојдат на отворањето на Светското првенство.

otvoranje
Фото: Wikipedia

Би-би-си дознава дека од многу членови на овие два клуба се барало да потпишат договори, а од организаторот добивале стимулации.

Документите до кои дојде Би-би-си, како и сведочењето на неколку официјални лица вклучени во организацијата на Светското првенство, потврдуваат дека на многу странски навивачи им биле понудени бесплатни летови за Катар и сместување, како дел од иницијативата за која организаторите велат дека треба подобро да го обликува навивачкото искуство.

За возврат, од навивачите било побарано да потпишат кодекс на однесување со кој се согласуваат да се вклучат во нивните објави и да лајкуваат и споделуваат материјали.

Иако договорот им кажува на навивачите дека од нив не се очекува да бидат „портпароли на Катар“, пишува дека „не смеат да го омаловажуваат Врховниот комитет“ или „Светското првенство во Катар 2022“.

Пјер Корнез, шеф за односи со медиумите во Белгискиот фудбалски сојуз, рече дека навивачите добиле и бесплатен билет за првиот натпревар и за церемонијата на отворањето.

Тој додава дека оваа понуда не е упатена само до белгиските навивачи, туку до „сите земји учеснички на Светското првенство“.

dogovor
Фото: BBC

Тој вели и дека договорот не го потпишале сите навивачи што учествувале во програмата.

Одлуката организацијата на Светското првенство да му се додели на Катар наиде на критики поради лошата положба на работниците, ЛГБТ-заедницата и состојбата со слободата на говорот во таа земја.

Затоа некои фан-клубови веруваат дека програмата „Катар фан лидерс“ е едноставно обид да се подобри имиџот на првенството.

Марта Генс, член на одборот на Европски навивачи, вели дека никогаш не слушнала таков систем да се користи на големо натпреварување.

- Тоа не е движење на навивачите, тоа е измама на навивачите. Чудно е, сомнително и не е во ред - вели Марта.

- Оваа иницијатива му помогна на Врховниот комитет подобро да ги разбере потребите и грижите на навивачите од 59 различни земји - велат од Врховниот комитет, бранејќи ја програмата.

- Тие немаат обврска да објавуваат или споделуваат каква било содржина, а сите обожаватели што дојдоа во Катар како наши гости го прават тоа доброволно и не се платени за тоа - додаваат тие.

Извор: BBC
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот