Рускиот производител на тактичка опрема, ЦНИИтомаш (Центален научно-истражувачки институт за прецизно машинство), неодамна го прикажа својот најнов производ –
борбен комбинезон кој во целост штити од експлозија и пламен.
За таа прилика, каскадерката Викторија Колесникова, облечена во комбинезонот се прошетала низ симулацијата на бојно поле, каде екплодирале мини и се ширел пламен.
И покрај тоа, Викторија поминала без гребнатинка, а единствената „последица“ што ја искусила, биле неколку дамки од саѓи на нејзиното лице. Таа пред новинарите изјавила дека чувството кога се наоѓате среде огнена стихија, било целосно неверојатно.
Сергеј Титов, задолжен за развојните програми во Институтот, истакнува дека Колесникова ги демонстрирала можностите на напредната арамидна ткаенина, која е во состојба да ги издржи кинетичките удари и дејството на пламенот.
На сегашно ниво на развој, материјалот и дизајнот на облеката имаат капацитет да се „изборат“ со куршуми и шрапнели, но сè уште се работело на отпорноста на пламен, за да може облеката да издржи 30, наместо сегашните 15 секунди континуирана изложеност на пламен.
Во ЦНИИтомаш се надеваат дека до 2020 година ќе имаат финален производ, кој и официјално ќе може да стане дел од програмата за модернизација на руската војска наречена „Воин“.