На филмскиот фестивал „Либурниа“ во Хрватска премиерно е прикажан документарниот филм „Трст, Југославија“ на италијанскиот режисер Алесио Бозер. Во текот на овој месец документарецот со италијанско-хрватско-босанска копродукација ќе доживее премиера.
Овој хумористичен и топол филм нè потсетува на старите денови, буди носталгија и е навистина исклучителен. Режисерот на филмот, Алесио Бозер, зад себе има три документарци, а овој, четвртиот, е негова прва меѓународна копродукција. Во филмот можат да се видат и неколку истакнати личности како Раде Шербеџија, Славенка Дракулиќ, Денис Куљиш и Иво Банац.
„Во Трст, шопингот на поранешните Југословени и денес е позната приказна. Таткото на сценаристот тогаш имал дуќан во Трст, па успеа да собере материјал. Ми предложи да направиме документарец, а за брзо време го препознавме интересот што би можел да се појави. За снимање на филмот беа потребни две години“, вели режисерот.
„Родителите ми раскажуваа многу, зачуваа многу фотографии, а сега мислам дека добивме комплетна слика бидејќи успеавме да направиме приказна од сите агли. Трст остана Трст иако нема толку многу луѓе како што имаше во 70-тите“, додава режисерот.
„Ја нема повеќе таа живост, тогаш беше вистински пограничен град, важен за Југословените, но и за Италијанците. Денес, иако има туристи, во Трст не доаѓаат ни приближно толку луѓе. Трст и понатаму е убав, но без југословенските купувачи малку е досаден“, продолжува Бозер.
Секоја сабота во Трст доаѓале по 100.000 Југословени. Своите приказни за патувањето во Трст на големото платно ги раскажаа и јавните личности и оние што се вклучени директно - граничната полиција и обичните граѓани.
Филмот потсетува дека основното средство на патот, покрај автобусот, беше и популарното „фичо“, а за оние од далечните краеви, возот. Кога патувале за Трст, луѓето не биле поделени на класи бидејќи сите купувале исто - биле поделени според оддалеченост. Најдовме занимливост поврзана со креаторот на „рифли“, Сандро Фратини. Вештите трговци Италијанци го поврзале тогаш популарниот јунак на цртаните стрипови, Текс Вилер, со нивниот бренд. За поранешна Југославија, рифли станале синоним за траперки, па честопати Југословените во италијанските продавници барале „рифли Ли“ или „рифли Левис“ или „рифли рифли“.
Производството на евтини траперки било огромно, секој ден се шиеле по 50.000 „рифли“, а секоја недела биле продадени по 100.000. Без „рифли“, во социјалниот живот на некогашната држава не било возможно. Секако, не биле траперките единственото нешто по кое се одело во Трст. Кафето „минас“ било неизбежно, па и часовниците „дарвил“.
Кратко време по Втората светска војна, од 1955 година натаму, започнала забрзаната нормализација на односите помеѓу Италија и Југославија, па ова кулминирало со Осимскиот договор во 1975 година. Во филмот се споменува и посетата на италијанскиот премиер Алдо Мора на Југославија во 1965 година.
Ова бил одличен пример за тоа како може да се развијат добрососедските односи на двете идеолошки спротивставени
држави во секоја смисла. На едните исполнување на сонот, а на двете држави можност за добра трговија.