„Хуавеј“ неодамна ја започна продажбата на лаптопите од серијата Matebook на македонскиот пазар. Македонските љубители на модерната и квалитетна технологија ќе можат да се подноват со некој од четирите претставници на серијата - Matebook X Pro, Matebook 13, Matebook D14 и D15. Ова е второ храбро лансирање на нови уреди за време на пандемија од страна на кинескиот технолошки гигант. „Хуавеј“ годинава лансираше и нови телефони во време на пандемија и строги мерки за изолација во голем дел од светот.
За тоа како течела работата во компанијата во периодот кога имаше строги рестриктивни мерки, како помина лансирањето на телефоните и зошто вреди да се погледнат лаптопите, разговаравме со Лонгруи Циу (Џефри), менаџер за Македонија и Бугарија на Huawei Consumer Business Group.
2020 година е тешка година поради пандемијата со коронавирусот. Како ќе се памети оваа година во „Хуавеј“? Дали се одрази врз резултатите на компанијата?
-Ситуацијата со пандемијата е голем предизвик за сите и има глобален ефект кој сè уште трае. Сепак, на крајот од првата половина, „Хуавеј“ бележи раст од 13,1% на деловната активност во споредба со претходната година. Приходите од продажбата само од нашиот потрошувачки бизнис, односно уредите што ги испорачуваме низ светот, се зголемија за 34% во споредба со претходната година. Исто така, бележиме голема експанзија во нови категории на локални пазари, вклучувајќи ја и Македонија, па успешно ја следиме нашата стратегија „Seamless AI Life” – повеќе уреди, интелигентна и лесна меѓусебна интеракција. Пандемијата донесе нови побарувања и технологијата може многу да им помогне на луѓето за да се справат со новите предизвици.
Како изгледаше работата во „Хуавеј“ за време на пандемијата?
- Претежно како и вообичаено, но повеќето од нашите вработени работеа од дома и сите комунициравме преку нашиот интерен систем за комуникација. Имаме напредна ИТ-инфраструктура која ја користиме за блиска комуникација меѓу претставништвата во различни земји. Годинава таа стана дел од нашата секојдневна внатрешна комуникација. Инсистиравме на видеоповици за да не се изгуби човечкиот допир. Се обидовме да работиме колку што е можно понормално.
Генерално, пандемијата е еден вид криза и во секоја криза треба да останете мирни и да носите одлуки, одговарајќи на основни прашања – што е поважно за нас, кои се нашите клучни вредности – и потоа едноставно ги следите вашите цели, адаптирајќи ги начините за нивно постигнување. На пример, најпрвин мислиме за нашите крајни корисници, па првото нешто што го направивме беше средувањето и најавувањето на услугата „од врата до врата“ за сите модели на „Хуавеј“ и за целата земја. Здравјето на нашите корисници и на вработените беше и сè уште е приоритет број еден. Потоа, требаше да ја лансираме новата серија P40 и моравме да донесеме многу одлуки многу брзо. Работењето во време на пандемија е предизвик и од комуникациска гледна точка и од перспектива на секој вработен. Некои од нашите вработени мораа да го сменат начинот на работење. Други мораа да го сменат фокусот, да го споделат нивното знаење и искуство на многу поразличен начин. На пример, нашите теренски лица, оние што се грижат за продавниците, ги посетуваат, му помагаат на персоналот итн., се фокусираа на поголема активност на социјалните мрежи, креирање корисна содржина и генерално изнаоѓање нови начини за едуцирање и помагање и на продажниот персонал и на нашите клиенти (крајни корисници).
Среде изолација и рестриктивни мерки, „Хуавеј“ направи храбар чекор и лансира нови телефони. Како реагираа потрошувачите и како се одвиваше целиот процес земајќи го предвид тоа што многумина од нас мораа да останат дома?
- Да, тоа беше голем предизвик. По правило, кога луѓето се несигурни, тие не се склони кон купување нови работи. Од друга страна, технолошките направи можат многу да помогнат во вакви ситуации. Сите моравме да бидеме поврзани и да работиме, дури и од далечина. И клучниот бизнис на „Хуавеј“ е во технологијата и комуникациите. Сега, речиси 5 месеци по изолациите, резултатите покажуваат значителен раст во споредба со претходната година во Македонија, па би рекол дека успеавме да ја задржиме довербата на нашите партнери и крајни корисници. Како што споменав, моравме да дејствувавме брзо, нашето
глобално лансирање на P40 се случи онлајн, веднаш по изолацијата. Многу продавници беа затворени некое време – не знаевме уште колку ќе трае тоа. Па, требаше да одлучиме дали ќе го одложиме локалното започнување на продажбата на P40 серијата или ќе продолжиме и ќе ги исполниме очекувањата на нашите корисници – преку отворените продавници и онлајн-продажбата. Продолживме напред и всушност имавме многу успешно лансирање, благодарение на посветеноста на нашиот персонал и големата поддршка што ја добивме од нашите локални партнери. Сакам да ја искористам можноста и да им се заблагодарам на сите нив.
„Хуавеј“ е добро препознатлив бренд кој брзо расте. Како се одвива ширењето на пазарот? Кои се предизвиците?
- Да, компанијата расте многу брзо и нејзините бизниси се прошируваат во области на технолошка сегашност и иднина – како 5Г, вештачка интелигенција, понапредна комуникација меѓу луѓето и уредите итн. Нашата клучна вредност е обезбедување технологија на иднината за сите, па многу инвестираме во истражување и развој за таа иднина да се реализира - има долг пат меѓу идејата, технологијата и практичната примена.
Каде е Македонија во таа слика? Дали во „Хуавеј“ се задоволни од резултатите на македонскиот пазар?
- Овој пазар е важен за нас и тука имаме локална канцеларија и сервис. За нас е многу важно да бидеме блиску до локалните луѓе и што е можно побрзо да одговориме на нивните барања. Сакаме тие да чувствуваат дека сме тука, секогаш достапни да ги сослушаме. Ова го применуваме и кога станува збор за нашите партнери, како А1, Телеком, Сетек, Нептун, Техномаркет, и кога се работи за секој еден корисник што може да нѐ исконтактира преку телефон, во сервисниот центар, преку нашата страница на „Фејсбук“ итн. Верувам дека довербата во компанијата на локалниот пазар постојано се зголемува и секако, тоа резултира со експанзија на нашиот бизнис. Почнавме да работиме со нов партнер, Техномаркет, лансиравме нови категории, како лаптопите од серијата Matebook, и во споредба со претходната година забележавме раст на приходите, продажбата на смартфоните и продажбата во премиум-сегментот.
Веќе ги видовме сите предности на телефоните и AppGallery. Дали има македонски апликации во AppGallery?
- Секако. Соработуваме со македонските провајдери на содржини за интегрирање на нивните
апликации во AppGallery. Веќе ги имаме Mojot A1, Telekom MK, Neptun Makedonija, Grouper.mk, Moj ДДВ, Air Quality – AirCare, m-banking на Стопанска банка, mBanka на Комерцијална банка, а во иднина ќе има уште.
Лонгруи Циу (Џефри)
Сега „Хуавеј“ лансира и лаптопи. Можете ли да ни кажете збор-два за нив, но и за целата Seаmless Al life стратегија?
- Интерно ја викавме Стратегија „1+8+N“, што значи дека имате смартфон (1) – центарот на вашиот дигитален живот. Потоа имате 8 – другите лични направи кои лесно се поврзуваат со смартфонот. И потоа N – целиот асортиман на дигитални уреди во светот. Лаптопите се едни од тие „8“ – клучен уред за нашиот приватен и деловен живот. Со оваа стратегија имаме цел на нашите корисници да им обезбедиме целосно портфолио на неопходни уреди, како смартфони, компјутери, преносни уреди, аудио, ТВ итн., и најважно – сите овие уреди да работат во совршена симбиоза. На пример, со нашите нови лаптопи обезбедуваме нешто што се нарекува „Multiscreen collaboration“ (интеракција со повеќе екрани), што значи дека можете да ги поврзете вашиот „Хуавеј“ телефон и лаптоп, да пренесувате податоци, големи фотографии и снимки само со ставање на телефонот на лаптопот, да го користите големиот екран на лаптопот за да гледате содржини отворени на телефонот, да ја користите тастатурата на лаптопот за одговарање на пораките на телефонот и други корисни опции. Од минатата недела имаме 4 модели на компјутери на македонскиот пазар и сите тие ја поддржуваат оваа функција.
Каков прием на лаптопите очекувате во Македонија?
- Веруваме дека ќе бидат популарни во Македонија. Тие се многу модерни, убаво изгледаат и од моето искуство, такви се и Македонците. Вие сте модерни и имате добар вкус за облекување, за места, храна, сакате и покажувате стил и се надевам дека ќе ви се допаднат и лаптопите на „Хуавеј“.
Зошто би им ги препорачале на Македонците?
- Како прво, тие се направени од технолошки лидер и имаат одличен баланс на спецификации и функции потребни за исполнување на потребите на современите луѓе. Тенки се и лесни, со елегантни метални тела, со одлични дисплеи и нудат фини модерни нешта како pop-up камера, отклучување со отпечаток од прст на копчето за вклучување итн. Исто така, тие беспрекорно се поврзуваат со смартфоните на „Хуавеј“.
Во која насока планира да се движи компанијата? Дали сметате дека иднината е во малите лаптопи или во сѐ попаметните телефони? Или можеби во комбинација од двете направи?
- Верувам во Seamless AI Life иднина – не само 2 уреда, туку многу различни уреди што одговараат на
сечиј уникатен животен стил, да работат заедно. Паметниот телефон е нашиот дигитален центар и уште долго ќе ја има оваа улога, обезбедувајќи повеќе начини за мобилна креативност, особено фотографија и видеографија. Но, има задачи за кои ни е потребен компјутер, па лаптопите ќе станат потенки и полесни, со уште подобри батерии, за да одговараат на животниот стил на корисниците.
Како според Вас ќе изгледа „новата реалност“? Можете ли да ни опишете еден ден од иднината. Колку и како сметате дека технологијата ќе биде вклучена во нашите животи?
- Технологијата веќе е вклучена во нашиот секојдневен живот – како во приватниот така и во деловниот. Стремежот кон беспрекорно искуство е со неа. Не треба да е тешко да се користи, само треба да постои и да им помага на луѓето. На пример, не можеме да си го замислиме животот без електрична енергија, но повеќето од нас немаат идеја како всушност функционира – само ја вклучувате. Исто е сега и со интернетот. И како што конекциите стануваат побрзи и постабилни, сè ќе функционира беспрекорно, создавајќи подобар животен квалитет.