X
 07.10.2018 Наука

Научници откриле нов метод за прогнозирање на срцеви удари

Со помош на нов метод на анализа на снимките направени со компјутеризирана томографија (КТ) може да се предвиди на кои пациенти им се заканува срцев удар и тоа неколку години пред тој да се случи, објавија научници од Универзитетот „Оксфорд“.

Научниците ја развиле технологијата во соработка со институции во Германија и САД, користејќи алгоритми за да ги проучат маснотиите насобрани околу коронарните артерии прикажани на снимките од срцето направени со КТ.

Маснотиите се менуваат кога артеријата ќе се воспали и тоа може да служи како систем на рано предупредување во 30 отсто од случаите на срцеви удари, велат научниците.

-Ако можете да го идентификувате воспалувањето во артеријата на срцето, тогаш можете да кажете која артерија ќе предизвика срцев удар - вели професорот Караламбос Антонијадес.

Со новата технологија тоа е можно ако се анализираат КТ-снимките.

Поголемиот дел срцеви удари се предизвикани од насобрани маснотии на внатрешните ѕидови на артериите, што ги стеснува крвните садови, ја намалува нивната проодност и дотокот на крв во срцето.

Засега, снимките од КТ им покажуваат на лекарите на кое место артеријата е стеснета поради насобрани маснотии, но со новата технологија, лекарите ќе можат да предвидат на која артерија ѝ се заканува стеснување.

-Можеме да кажеме: Вашите артерии се воспалени и стеснувањето ќе се случи во рок од пет години. Така ќе можете уште денес да почнете да преземате превентивни мерки за да спречите формирање на масни наслаги - објаснува Антонјиадес.

Срцевите и мозочните удари се два најголеми предизвикувачи на смрт во светот.

-Иако не го проценивме точниот број на срцеви удари кои може да се спречат, потенцијално можеме да идентификуваме најмалку 20 или 30 отсто од луѓето на кои им се заканува удар - вели професорот.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука