Дали страдате од несоница? Ако одговорот е да, тогаш имате поголема веројатност да доживеете срцев или мозочен удар или да развиете некое срцево заболување, покажува најново истражување.
- Ова веројатно е едно од поголемите истражувања што досега биле објавени за врската меѓу несоницата и кардиоваскуларниот ризик - вели проф. д-р Наталија Рост од „Харвард“, невролог и шеф на одделот за мозочен удар во општата болница во Масачусетс, Бостон.
- Иако не ја разбираме точната врска, она што го научивме со текот на годините е дека спиењето е важно - вели Рост.
Истражувачите прашале речиси половина милион Кинези за три клучни симптоми на несоницата:
- Дали имаат проблеми да заспијат и да не се будат во текот на ноќта?
- Дали се будат премногу рано наутро и не можат да презаспијат?
- Дали имаат проблем да останат фокусирани во текот на денот поради недостиг на сон?
Фото: Pixabay
Десет години подоцна истражувачите го разгледале кардиоваскуларното здравје на учесниците во истражувањето. Тие откриле дека оние што ги имале сите три симптоми на несоница имале 22 отсто поголема веројатност да имаат коронарна артериска болест и 10 отсто поголема веројатност да имаат мозочен удар од оние што спиеле добро.
Потоа истражувачите одделно ги анализирале трите прашања за несоница. Оние што пријавиле проблеми со фокусираноста во текот на денот поради слаб сон имале 13 отсто поголема веројатност да доживеат проблеми со срцето, покажало истражувањето.
Луѓето што пријавиле само проблеми со заспивањето и будењето во текот на ноќта имале поголема веројатност за 9 отсто, а оние што пријавиле будење многу рано имале 7 отсто поголема веројатност да развијат мозочен удар или срцеви заболувања отколку луѓето што немале проблем со спиењето.
- Врската помеѓу симптомите на несоница и овие болести беше уште посилна кај помладите возрасни лица и кај луѓето што немаа висок крвен притисок на почетокот на истражувањето - изјави авторот на истражувањето, д-р Лиминг Ли од Универзитетот во Пекинг.
- Значи, идните истражувања треба да гледаат специфично на раното откривање и интервенциите насочени кон овие групи - додаде Ли.
Метаанализа од 2017 година на 160.000 луѓе откри дека оние што имаат тешкотии да заспијат имаат 27 отсто поголема веројатност да имаат срцев или мозочен удар. Исто така, анализата пронашла врска помеѓу будењето во текот на ноќта и проблеми со срцето, но немало поврзаност со будењето во раните утрински часови.
Која е поврзаноста?
Науката не е сигурна за поврзаноста. Претходните истражувања покажаа дека слабиот квалитет на сонот може да ја промени функцијата на хормоните, да ги зголеми воспалителните процеси или да го промени метаболизмот.
- Секогаш мислам дека постојат повеќе аспекти во приказната отколку само една поврзаност. Исто така, мислам дека несоницата може да биде симптом на некоја друга
болест во организмот што сè уште не е симптоматска. Можеби нешто веќе се случува во телото што придонесува за несоница и на крајот се манифестира во текот на 10 години. Се надевам дека повеќе истражувања ќе ја откријат поврзаноста - рече Рост.