X
 11.07.2019 Живот

И милениците можат да донираат крв

Сите знаеме дека донирањето крв е едно од нештата со најголемо влијание што можеме да ги направиме за другите на индивидуално ниво. Но, веројатно не сте знаеле дека кучињата и мачињата исто така можат да донираат крв. Една нова студија покажа дека луѓето што чуваат миленици не ни знаат дека нивните најдобри пријатели можат да им помогнат на други животни на начин на кој и луѓето си помагаат меѓусебно.

Ветеринарите во Велика Британија испитувале луѓе што чувале миленици и посетиле клиника. Тие биле прашувани не само за нивното знаење за донирањето крв од страна на животните, туку и за тоа дали би сакале да донираат крв од нивниот миленик и зошто да или не. Од 158 испитаници 70 отсто рекле дека не знаат дека мачките и кучињата можат да донираат крв, додека 75 отсто не знаеле дека има и банки за крв од миленици.

На мачките и кучињата, како и нам, некогаш им е потребна трансфузија на крв, но има многу помалку установи што го работат тоа отколку кога станува збор за луѓето. Во САД, на пример, има неколку федерални одредби за индустријата како целина, а државните имаат сопствени правила за тоа од каде може да се земе крв за животно. Калифорнија претежно дозволува донорската крв за кучињата да доаѓа само од компании што имаат нивни кучиња, додека другите сојузни држави дозволуваат да се земе крв и од волонтери.

Оние што се залагаат за правата на животните ги критикуваа оние што чуваат животни за крв, наведувајќи дека нашле докази за лошо третирање и лоши услови во некои објекти каде што се чувале кучиња. Тие истакнаа и дека системот е многу нехуман. Сопствениците на компаниите се бранеа и негираа, велејќи дека кучињата често се спасувани или се пензионирани од трки и дека се чуваат до 18 месеци пред да бидат згрижени. Но, дури и ако сите тие објекти се совршено хумани и се раководат одговорно, тие не се доволни бидејќи ветеринарите во САД постојано се соочуваат со недостиг на крв за миленици. Но, ако луѓето не знаат дека нивните миленици можат да помогнат, тогаш овие недостатоци ќе продолжат.

Студијата, иако е мала, утврдила дека околу 90 отсто од луѓето што чуваат миленици рекле дека би донирале крв од нивниот миленик.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот