X
 29.11.2017 Наука

И скршеното срце е вистинска болест - такоцубо синдром

Дали се умира од скршено срце? Науката вели – да. Всушност, истражувачите од Универзитетот во Абердин докажаа дека скршеното срце доведува до ист вид долгорочно оштетување како и срцевиот удар. 

Околу 3.000 луѓе годишно во Велика Британија заболуваат од таканаречениот такоцубо синдром, попознат како синдром на скршено срце, кој е предизвикан од ментален стрес. Синдромот предизвикува слабеење на срцевиот мускул, што го спречува срцето правилно да ја пумпа крвта при секое отчукување. Оваа состојба првпат била официјално забележана во Јапонија, во текот на 90-тите години од минатиот век. Терминот „такоцубо“, што значи октопод, подразбира деформиран облик на скршеното срце.

Џереми Пирсон, помошник-директор во Британската кардиолошка фондација, неодамна објасни дека такоцубо е акутно заболување на срцето кое е предизвикано од тешка физичка активност или тежок ментален стрес, а почесто се јавува кај жените. За пациентите, изгледа како да доживуваат инфаркт.

Порано лекарите верувале дека пациентите што страдаат од синдромот на скршено срце можат брзо да закрепнат без лекување. Меѓутоа, истражувачите се сомневаат во тоа.

Универзитетските истражувачи анализирале срцеви МРИ-скенери од 37 пациенти со такоцубо синдром во временски период од две години. Тие констатирале дека лицата што страдале од овој синдром долго време по претрпениот стрес сè уште имале ослабена срцева активност.

Всушност, МРИ-скенерите на овие пациенти биле слични на оние што доживеале срцев удар и на снимките јасно се гледаат лузните во ткивото на срцевиот мускул.

„Станува сè појасно дека такоцубо е почесто заболување отколку што мислевме претходно“, истакна Дана Досон, која оваа недела помогна во презентацијата на наодите од пациентите со ваков синдром на научните сесии на Американското здружение на кардиолози во Калифорнија.

„Ова е најтемелната студија што ги следи последиците од такоцубо и јасно ги покажува трајните оштетувања на срцето кај некои пациенти. Тие не се во можност да се занимаваат со спорт и полесно се заморуваат“, додаде таа.

„Нашите истражувања покажуваат дека такоцубо синдромот треба да биде третиран со истата итност како и кој било друг проблем со срцето, затоа што можеби на пациентот ќе му треба постојана терапија за овие долгорочни ефекти. Нашата следна цел е да ги идентификуваме соодветните третмани“, дополни Досон.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука