X
 24.02.2019 Наука

Германците развија тест на крвта за откривање рак на дојка

Ракот на дојката убива повеќе жени на глобално ниво отколку кој било друг вид рак. Докторите во Германија велат дека сега успеале да развијат нов тест што точно може да детектира рак преку крвта.

Во 2018 година околу 627.000 жени во светот починале од рак на дојка. Ова е околу 15 отсто од сите смртни случаи на рак во период од една година, вели Светската здравствена организација.

Германските научници се надеваат дека бројките ќе се намалат во иднина затоа што успеале да развијат тест на крвта што може да открие дали пациентот има рак на дојка. Тестот, наречен „Хеискрин“, може да детектира рак во крвта дури и пред да стане видлив за сегашната технологија на скенирање.

test
Фото: Printscreen


Раната дијагноза е многу важна за намалувањето на стапката на смртност од рак на дојка и обезбедување навремено лекување на пациентите. Со рано откривање пациентите имаат 95 отсто шанси за целосно закрепнување.

Но, тестот не е дизајниран за целосно да ги замени конвенционалните форми на дијагноза. Во моментов главните методи на скрининг за рак на дојка се мамограми, ултразвук и МРИ-скенирања.

„Хеискрин“ ќе ги надополни овие постојни методи и е погоден за жените бидејќи не е болен, чини помалку и не ги изложува на зрачење. Научниците велат дека може да се користи и за откривање рак на јајчниците. За тестирање се потребни само неколку милилитри крв и може да го извршат општите лекари. Истражувачите се надеваат дека неинвазивната процедура ќе поттикне поголем број жени да бидат тестирани.

Базиран на процедурата за течна биопсија, тестот не е нов начин за откривање рак, но истражувачите од Хајделберг го усовршиле методот за специјално да открива рак на дојката. Во последниве 12 месеци тие испитале околу 900 жени, од кои 500 имале рак на дојка, а 400 биле здрави.

Најголемата предност на испитувањето на крвта е тоа што реагира доста чувствително, особено кај жените под 50 години. Кај младите жени процедурата има стапка на точност од 86 отсто. Кај пациентите над 50 години стапката на точност паѓа на 60 отсто.

Освен што детектира рак, тестот може да се развие за употреба на откривање метастази или повторувачки рак, како и при долготрајно следење на третманите за рак. Се очекува да биде пуштен на пазарот во текот на оваа година.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука