X
 07.10.2019 Живот

Електронско плаќање и на патарината Миладиновци

Патарина на наплатната станица Миладиновци на Коридор 8 од денеска може да се плаќа и по електронски пат со М-картичка. Електронската наплата на таа станица ќе се врши само со М-карт, а не и со М-таг како што е на другите патарини на Коридорот 10.

Воведувањето електронско плаќање е самостоен проект на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПД).

- За да врши контрола и да се поврзе со системот на потегот Романовце - Миладиновци, спроведовме проект за електронска наплата на Миладиновци со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), од каде што изработија софтверско и хардверско решение. Направени се тестови и функционира како што треба. На видни места има обележувања дека може да се врши електронска наплата - изјави за МИА Марко Брезовски, раководител на Одделението за наплата на патарини и контрола при ЈПДП.

На почетокот на јули годинава стартуваше електронскиот систем за наплата на патарините Романовце, Отовица, Сопот и Градско на Коридор 10, како и на наплатната станица Петровец, проект што се спроведе со кредит од Европската банка за обнова и развој.

Според Брезовски, во текот на месецов ќе профункционира плаќањето патарини за моторџиите со новата воведена прва категорија 1А за нив. Со воведувањето на таа категорија што е подготвена и е вметната во ценовникот на ЈПДП моторџиите треба да плаќаат поевтина патарина на сите станици на коридорите 8 и 10.

Со заем од 13 милиони евра од Европската банка за обнова и развој ќе се финансира надградбата за електронска наплата на петте наплатни станици на Коридорот 8, како и изградбата на три нови станици (две на автопатот Миладиновци-Штип и една на автопатот во изградба Кичево-Охрид). Покрај подобрувањата на наплатниот систем, ќе бидат инсталирани и соларни панели на сите 15 патарини со цел да се промовира поголемо користење обновлива енергија.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот