Повеќе од 3.000 години готовината е камен-темелник на трансакциите, уште пред монетите и банкнотите. Сепак, во развиените земји е видливо значително поместување кон електронските плаќања, а една неодамнешна студија покажува дека оваа трансформација влијае врз нашите навики за трошење.
Научниците од Универзитетот во Аделаида и Универзитетот во Мелбурн спровеле метаанализа на 71 студија, испитувајќи го однесувањето на потрошувачите во 17 земји во светот. Откриле дека користењето електронски плаќања често води до повисоки трошоци во споредба со користењето готовина.
- За да се спречи прекумерното трошење, ги охрабруваме потрошувачите да носат готовина наместо картички секогаш кога можат бидејќи тоа дејствува како метод на самоконтрола - советува маркетинг-експертот Лахлан Шомбургк од Универзитетот во Аделаида.
Тој објаснува дека физичкиот чин на ракување со готовина го прави трошењето поопипливо, додека користењето картичка или телефон може да доведе до губење осет за трошоците.
Мало, но значително зголемување на потрошувачката
Научниците забележале дека зголемувањето на потрошувачката е мало, но значајно и дека е поизразено за видливата потрошувачка, како што е луксузната стока. Овој наод, иако претходно бил забележан, сега е потврден преку повеќе експерименти.
Интересно е што студијата не открила значајна разлика во трошењето на донации или бакшиш помеѓу готовинските и безготовинските методи.
- Спротивно на нашите очекувања, откривме дека безготовинското плаќање не мора да води до повисок бакшиш или донации во споредба со готовината - вели Шомбургк.
Економските услови влијаеја и врз ефектот на безготовинските плаќања, кои беа посилни во подобрите економски времиња, иако овој ефект се намалува со текот на времето. Нивото на инфлација не влијаело врз готовината, наспроти безготовинското трошење.
Бесконтактно плаќање
Како што безготовинските плаќања стануваат сѐ поприсутни, се чини дека нивното влијание врз однесувањето на потрошувачите се намалува. Идните истражувања би можеле да истражат дали различните видови безготовински плаќања, како што се кредитните картички наспроти „Гугл пеј“ или „Епл пеј“, различно влијаат врз трошењето.
Авторите на студијата имаат цел да истражат како новите технологии за плаќање, вклучувајќи ги криптовалутите и услугите „купи-сега-плаќај-подоцна“, влијаат врз потрошувачката. Транзицијата кон општество без готовина изгледа речиси неизбежна.
- Ова истражување е од клучно значење бидејќи фрла светлина на занемарениот аспект на оваа транзиција: како начините на плаќање влијаат врз нашето однесување при купувањето. Ова разбирање може да нè поттикне да донесуваме поинформирани одлуки за купувањето - заклучил Шомбургк.
Извор: zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik