X
 29.06.2018 Живот

Кои лица се ослободени од плаќање патарина?

Возилата со полициска придружба, видливо означените возила на АРМ, полицијата, итната медицинска помош, возила на лица заболени од мултиплекс склероза и церебрална парализа се само дел од оние што се ослободени од плаќање патарина.

Ова е пропишано со Законот за јавните патишта на Република Македонија, во кој се наведува дека од плаќање патарина за време на служба се ослободуваат возила со полициска придружба, видливо означени возила на Армијата на Република Македонија, полицијата, Царинската управа, Агенцијата, итната медицинска помош, Црвениот крст на Република Македонија, противпожарните служби, Државниот инспекторат за транспорт, Дирекцијата за заштита и спасување, Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонијапат“ - Скопје и погребалните возила.

Освен нив, со членот 66 од истиот закон е пропишано дека од плаќање патарина се ослободени и возила на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиското и инвалидско осигурување на Македонија

За да го користат ова право, лицата треба да поседуваат членски книшки издадени од здруженијата, односно сојузите во кои членуваат, кои заедно со документацијата за болеста согласно наведеното во законот и копија од сообраќајната дозвола од возилото што се користи преку нивните здруженија, односно сојузи, барањата се доставуваат до Јавното претпријатие за државни патишта. Потоа документацијата се проверува и доколку сѐ е во ред, Јавното претпријатие за државни патишта ја потпишува и заверува книшката, со што се потврдува правото на ослободување од плаќање на патарина и писмено се известуваат здруженијата, односно сојузите за тоа.

Кога некое лице ослободено од плаќање патарина минува низ наплатна станица, треба да ја даде на увид и членската книшка во која е запишана регистарската табличка од возилото што се ослободува.
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот