Патарината од 3,5 евра за патнички возила на идната делница од автопатот Бар-Болјаре во Црна Гора е најскапа во регионот, покажува анализа на црногорската веб-страница „Вјести“.
Делницата Смоковац-Маташево е долга 42 километри, што значи дека еден километар ќе чини 8 центи. Цените во регионот се пониски, според анализата.
За делница долга околу 130 километри на автопатот „Милош Велики“ од Белград до Чачак во Србија треба да се издвои помалку од 4 евра, односно околу 3 центи по еден километар.
Цената на патарината за автопат од Сараево до Зеница во Босна и Херцеговина чини околу 3 евра. Таа делница е долга 53,8 километри, што значи дека цената по еден километар е 5 центи.
За Македонија, во анализата се наведува примерот на 30-километарската делница од Скопје до Тетово, за која треба да се издвои едно евро, односно 3 центи по километар.
Во Хрватска, за делницата од Загреб до Риека, која е долга 140 километри, треба да се издвои околу 9,3 евра, или малку над 6 центи по километар.
Извор:
Vijesti
Насловна фотографија: Pixabay