X
 07.10.2020 Наука

Дали супервулканот Јелоустоун повторно се активира?

Колку знаете за Јелоустоун? Во последните денови многу се зборуваше за него во медиумите бидејќи од 12 јуни досега во овој национален парк во САД биле забележани дури 1.400 земјотреси.

Јелоустоун е познат по своите гејзери, езера, топли извори и по разновидниот животински свет. Долго се знаело дека природата на паркот е вулканска, но дури во шеесеттите години од 20 век геологот Боб Кристијансен се запрашал каде точно се наоѓа вулканот. Тој не можел да ја најде калдерата на вулканот. Вулканите што немаат конус создаваат калдера по експлозиите. Станува збор за потоната јама која останува по експлозијата на вулканот.

Во тој период НАСА тестирала нови камери за снимање од големи височини, па на управата на Јелоустоун ѝ ги испратила фотографиите што ги направила. Од овие фотографии Кристијансен сфатил дека целиот парк што покрива површина од 9.000 квадратни километри бил калдера, а претходната експлозија на вулканот оставила кратер со дијаметар од речиси 65 километри и затоа никој не можел да го забележи шетајќи по површината.


Фото: Pixabay

Тоа значело дека Јелоустоун е супервулкан. Тој лежи на магма чија топлина излегува од многу отвори преку гејзери и топли извори. Областа со магма е широка околу 72 километри, а на најдебелото место е дебела околу 13 километри. На Земјата постојат околу 30 вакви резервоари на магма што се активни, но сите се океански и стојат зад создавањето на многу острови, како Исланд, Хаваи, Канарските Острови, Галапагос.

Но зошто Јелоустоун се наоѓа под континенталните плочи? Таа негова природа го прави поинаков од другите супервулкани. Додека другите супервулкани обично испуштаат магма на релативно безопасен начин, Јелоустоун еруптира експлозивно. Тоа не се случува често, но подобро е да сте подалеку од него кога ќе се случи.

Првата позната ерупција на Јелоустоун била пред околу 16,5 милиони години и досега се повторила околу 100 пати. За време на една ерупција пред 2 милиона години била исфрлена прашина доволна да ја закопа целата сојузна држава Њујорк во пепел длабок 20 метри. Се смета дека остатоците од пепелта опфатиле делови од 19 западни сојузни држави.

Геолозите забележале чудни настани во националниот парк во 1973 г. Водата во езерото почнала да ја поплавува долината и се слевала на спротивниот брег. Паркот се менувал. До 1984 г. целата централна област на паркот била подигната за повеќе од еден метар во споредба со 60 години претходно. Геолозите заклучиле дека тоа го прави супервулканот активен.

Неговите ерупции се повторуваат на околу 600.000 години, а од последната поминале околу 630.000 години. Геолозите претпоставуваат дека на следната ерупција би ѝ претходеле големи земјотреси, но засега, и покрај многубројните земјотреси летово, сметаат дека нема причина за тревога.

Извор: naukakrozprice.rs
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука