X
 13.01.2024 Живот

Град во кој живеат повеќе од милион луѓе лежи на 50 вулкани

Зелени пространства, неверојатна природа, ливади каде што пасе добиток, модерни градови интегрирани во идилично опкружување... Многумина сметаат дека Нов Зеланд е рај на земјата на крајот на светот, бидејќи географски е една од најизолираните земји во светот.

Нов Зеланд се наоѓа далеку во југозападниот дел на Тихиот Океан. Поделен е на Северни и Јужни Острови, кои се прилично различни.

На Северниот Остров се наоѓа Окленд, најголемиот, но не и главен град на земјата. Станува збор за модерна метропола со повеќе од милион жители која крие неверојатна тајна - градот лежи на околу 50 вулкани.

Градот се развил во 19 век, но првата населба таму била направена од Маорите пред 700 години

Во областа на денешен Окленд, населбата на новозеландски домородци постои од 14 век. Европејците пристигнале во 19 век и таму изградиле важен трговски и економски центар. Во 1841 година Окленд бил прогласен за главен град на Нов Зеланд, а веќе во 1865 година ова било променето, па за главен град на Нов Зеланд бил прогласен Велингтон и така остана до денес. Окленд се смета за најтоплиот и најсончев град во Нов Зеланд и е популарна туристичка дестинација. Се развил на вулканско подрачје, па и денес низ целиот град можат да се видат остатоци од некогаш активни вулкани, кои станаа туристички атракции.

1
Фото: Pixabay

Шансите за повторно еруптирање на вулканите се 0,1 отсто

Поради чамците и јахтите во пристаништата, Окленд често се нарекува Град на едрата. Но, прекарот Град на лавата е исто толку соодветен. Многу вулкани се ископани и покриени, што ги прави тешко забележливи, но вулканските ридови и денес доминираат. Вулканското поле во Окленд денес е во мирување, а научниците проценуваат дека постои 0,1 отсто шанси еден од вулканите повторно да еруптира. Невозможно е да се предвиди дали и кога ќе се случи тоа, што за жал се покажа на крајот од 2019 година на Белиот Остров. При ерупцијата на вулканот Вакаари животот го загубија 22 лица, а десетици беа повредени.

Рангитито е најпознатиот вулкански остров кој е и туристичка атракција


Истражувањето на вулканскиот пејзаж е една од најпопуларните атракции во градот. Најпознатиот вулкан е Рангитито, конусен остров што се издига од водите на заливот Хаураки. Тоа е најмладиот вулкан во Нов Зеланд, кој последен пат еруптирал пред 600 години. Различни туристички агенции нудат екскурзии до островот. Таму туристите можат да се искачат по полињата со лава до кратерот висок 259 метри. На островот е забранета изградба од 1939 година, но сè уште може да се видат последните куќи изградени пред тоа, кои се сметаат за временска капсула која води во светот на првите доселеници.

2
Островот Рангитито/Фото: Pixabay

Денес Окленд е модерен град со многу деловни згради. Во него се наоѓа телекомуникациската кула „Скај тауер“, висока 328 метри, која е највисока зграда на јужната хемисфера на Земјата. Градското собрание крие една од најакустичните концертни сали во светот, а симболот на градот е мостот Харбор над заливот Ваитемата. Окленд е град на култура, шопинг и многу паркови и зеленило, што ги воодушевува сите што го посетуваат.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот