„Мајкрософт“ спроведе истражување за да утврди кои професии веќе ги чувствуваат придобивките од употребата на вештачката интелигенција, како заштеда на време.
Резултатите од истражувањето спроведено меѓу корисниците на алатката „Копајлот АИ“ покажале дека оние што заштедуваат најмногу време дневно се работици кои се занимаваат со сајбер-безбедност, развој на производи, продажба, техничка поддршка, маркетинг и односи со јавноста. Истражувањата покажале дека штом корисниците ќе достигнат заштеда на време од 11 минути дневно, тие почнуваат да ја гледаат вредноста на вештачката интелигенција и да создаваат навика да ја користат.
Побрзо одлучување
Вештачката интелигенција ги прави овие работи поедноставни, побрзи и подобри. Според истражувањето, две клучни работи најмногу влијаат врз нивото на подобрување: видот на работата и количината на податоци што луѓето ги користат. Работните места што вклучуваат големо количество податоци, како што е анализа на информации за корисниците, ги забележуваат најголемите подобрувања кога ќе почнат да користат вештачка интелигенција.
Вработените во сајбер-безбедност, развој на производи, продажба, техничка поддршка, маркетинг и односи со јавноста се првите што сведочат како вештачката интелигенција ја подобрува нивната работа на секојдневните задачи, нуди можности за иновации, го намалува обемот на повторлива работа и овозможува поинформирана и побрза одлука.
Денес, сајбер-заканите бараат постојано внимание и брзи реакции. Вештачката интелигенција помага со анализа на тони податоци, откривање обрасци и наоѓање проблеми во реално време. На овој начин им овозможува на ИТ-професионалците и експертите за сајбер-безбедност да се фокусираат на планирање и побрзо реагирање на заканите. Вештачката интелигенција може да ги автоматизира и задачите како што се следење закани и првично управување со инциденти, ослободувајќи им време на експертите за посложени истраги и развој на решенија. Во продажбата, градењето силни односи со клиентите и затворањето договори се клучни за успехот.
Вештачката интелигенција ја трансформира продажбата бидејќи брзо ги анализира податоците на клиентите и ја персонализира е-поштата. Ова им остава повеќе време на вработените во продажбата да се фокусираат на важни задачи и да се посветат на градење односи со потенцијалните клиенти. Агентите за услуги на клиентите користат вештачка интелигенција за да ги насочат интеракциите, поефикасно да се справат со прашањата и да го подобрат целокупното задоволство на клиентите. Компаниите што имаат имплементирано чет-ботови со вештачка интелигенција велат дека ефикасно се справуваат со рутински прашања.
Вештини за вештачка интелигенција кои се клучни за кариерата
Во маркетингот и односите со јавноста вештачката интелигенција помага во откривањето на новите трендови и можности, преку анализа на големи количини податоци. Може да ги забрза задачите како што се проверка на трендовите на оптимизација, изготвување содржина, спроведување маркетинг-истражување и планирање на лансирањето на производи.
- И покрај тоа што ја препознаваат нејзината вредност, на многу организации сè уште им недостигаат формални стратегии за распоредување на вештачката интелигенција, што доведува до тоа вработените да користат лични алатки за вештачка интелигенција, што може да ги загрози безбедноста и приватноста. Од клучно значење е компаниите да имплементираат стандардизирани алатки за вештачка интелигенција, подготвени за употреба на работното место и да понудат обука за вработените, за да обезбедат безбедно и ефективно користење на вештачката интелигенција - вели Калин Димчев, директор на „Мајкрософт Адриатик“.
Повеќе од половина од младите вклучени во истражувањето истакнале дека новите технологии се клучни за нивните одлуки за кариера, што укажува дека во блиска иднина вештините за вештачка интелигенција и пристапот до овие вештини ќе бидат клучни за привлекување и задржување на најдобрите таленти.
И покрај тоа што 79 отсто од лидерите ја препознаваат деловната важност на вештачката интелигенција, 66 отсто велат дека не би вработиле некој без вештини за вештачка интелигенција, додека 71 отсто повеќе би вработиле помалку искусен кандидат со вештини за вештачка интелигенција отколку поискусен без такви вештини. Многу организации сè уште немаат формални стратегии за вештачка интелигенција, што ги наведува луѓето да ги донесат своите сопствени алатки за вештачка интелигенција на работа. Дури 75 отсто од вработените во светот користат генеративна вештачка интелигенција, а 78 отсто носат свои алатки за вештачка интелигенција на работното место, честопати без да чекаат компаниите да развијат сопствено решение.
ВИ „моќни корисници“, т.е. оние што користат вештачка интелигенција неколку пати неделно, ја претставуваат иднината на работната сила. Овие корисници тврдат дека вештачката интелигенција им заштедува повеќе од 30 минути дневно, а 93 отсто од нив веруваат дека вештачката интелигенција го подобрува фокусот на најважните задачи. Исто така, 91 процент велат дека вештачката интелигенција ги прави помотивирани и им овозможува повеќе да уживаат во својата работа.
Со оглед на овие податоци, можеме да заклучиме дека вештачката интелигенција станува клучна алатка на работното место.
Извор: poslovni.hr
Фото: Freepik