Истражувачи создале вештачка интелигенција која го црта она што го гледа лицето во моментот преку читање и декодирање на мозочните бранови. Можеби најимпресивно е тоа што техниката е неинвазивна и сите информации од мозочните бранови се собираат со електроенцефалографична (ЕЕГ) капа покриена со електроди.
- Истражувачите порано мислеа дека проучувањето на мозочните процеси со ЕЕГ е како сфаќање на внатрешната структура на парна машина преку анализа на чадот кој останува зад парна локомотива. Ние не очекувавме дека ќе содржи доволно информации ни делумно да се реконструира слика набљудувана од лице. Сепак, излезе дека е прилично можно - истакна истражувачот Григори Рашков.
Тимот од московскиот Институт за физика и технологија и руската корпорација „Невроборикс“ ја започнал студијата со ставање капа со електроди на главата на учесниците за да може да ги снимаат нивните мозочни бранови. Потоа секој учесник 20 минути гледал видеофрагменти од 10 секунди. Предметот на секој фрагмент припаѓал на една од пет категории -
апстрактни форми, водопади, човечки лица, движечки механизми и мотоспортови - а истражувачите утврдиле дека можат да кажат која категорија ја гледа учесникот само преку гледање во нивните ЕЕГ-
податоци.
За следната фаза од истражувањето научниците развиле две невронски мрежи. Едната ја истренирале да генерира слики во три од тестираните категории од визуелна „бука“, а другата да ги претвора ЕЕГ-податоците во споредлива „врева“. Кога ги споиле, вештачките интелигенции можеле да исцртаат изненадувачки точни слики од она во што гледало лицето само од неговите ЕЕГ-податоци.