Научниците со години се обидуваат да најдат одговор на прашањето колку е голем универзумот?
Она за кое сите се согласуваат е дека неговата големина и толкава што сегашните мерни инструменти не можат да дадат прецизен одговор.
Но, тоа не значи дека не можеме да уживаме во него и во тајните што ни ги открива секој нов вселенски телескоп, сонда или летало.
Астрономите од Универзитетот „Џонс Хопкинс“ направија интересна мапа на која е прикажан дел од нашиот универзум составен од околу 200.000 галаксии.
Станува збор за мапа создадена од астрономски податоци кои не е можно да се прикажат сите одеднаш на 2Д-мапа. Сликата би била целосно покриена со точки кои ги претставуваат галаксиите, објаснуваат авторите.
Тие додаваат дека секоја од приближно 200.000 галаксии е прикажана во нејзината вистинска положба и боја и содржи милијарда ѕвезди и планети.
Сите оние што сакаат да го истражуваат овој мал дел од универзумот можат да си играат со мапата и да научат нешто плус за различните видови галаксии, но и да видат како изгледа работ на видливиот универзум.
Имено, прикажана е вистинска фотографија од првиот блесок на светлина емитиран кратко по големата експлозија, пред 13,7 милијарди години. Оваа светлина се протега по ширењето на универзумот и стигнува до Земјата во вид на радиобранови, а се нарекува космичка микробранова заднина.
- На мапата ние сме само дамка на самото дно, само еден пиксел. А кога велам ние, мислам на нашата галаксија, Млечниот Пат, кој има милијарди ѕвезди и планети - вели Брис Менард, еден од креаторите на мапата и професор на „Џонс Хопкинс“.
Навикнати сме да гледаме слики кои прикажуваат една галаксија овде, една галаксија таму, или можеби група галаксии. Но, она што го покажува оваа мапа е многу, многу поразлично од сѐ друго.
Брис Менард се надева дека луѓето ќе ја искусат и неоспорната убавина на мапата и нејзината неверојатна големина.
Фото: B. Ménard & N. Shtarkman, Johns Hopkins