Мозокот зафаќа околу 2 отсто од телесната тежина на една личност, но користи 20 отсто кислород и калории. Во 1945 година научниците првпат откриле дека мозокот содржи околу 73 отсто вода. Но, главното прашање е колку проценти од мозокот човек активно користи?
Мозокот на човекот одредува како тој го перципира светот околу себе, тежи околу 3 килограми и содржи околу 100 милијарди неврони - клетки кои носат информации.
Според истражувањето од 2013 година, околу 65 отсто од Американците веруваат дека користиме само 10 отсто од нашиот мозок. Но, ова е само мит кој неврологот Бери Гордон го поби во интервју за магазинот „Сајентифик американ“, објаснувајќи дека најголемиот дел од мозокот е речиси секогаш активен.
Една вообичаена техника за снимање на мозокот, наречена функционална магнетна резонанса (fMRI), може да ја измери активноста во мозокот додека лицето извршува различни задачи.
Користејќи го овој и слични методи, истражувачите покажуваат дека поголемиот дел од нашиот мозок е во употреба поголемиот дел од времето, дури и кога некое лице врши многу едноставна акција.
Голем дел од мозокот е активен дури и кога човек се одмара или спие. Процентот на искористеност на мозокот во секое време варира од личност до личност. Зависи и од тоа што прави или за што размислува личноста.
Меѓу научниците постои верување дека невроните сочинуваат околу 10 отсто од мозочните клетки. Ова можеби придонесе за митот за 10 отсто бидејќи се повторува во написи, ТВ-програми и филмови, што помага да се објасни зошто толку луѓето веруваат во него.
Како и секој друг орган, и мозокот е под влијание на начинот на живот, исхраната и вежбањето. За да се подобри здравјето и функцијата на мозокот, луѓето треба да јадат балансирана исхрана.
Имено, ваквата исхрана го подобрува општото здравје и благосостојба, а го намалува ризикот од развој на здравствени проблеми кои можат да доведат до деменција, вклучувајќи кардиоваскуларни болести, средовечна дебелина и дијабетес тип 2.
Овошјето и зеленчукот најмногу се препорачуваат за мозокот.
Некои се богати со витамин Е, како спанаќ, брокула и боровинки, додека други се богати со бета-каротен, како црвени пиперки и слатки компири. Витаминот Е и бета-каротенот го промовираат здравјето на мозокот.
Видовите риби, како лососот, скушата и туната, се богати со омега-3 масни киселини, кои можат да ги поддржат когнитивните функции, а јаткастите плодови и бадемите се богати со антиоксиданси, кои го промовираат здравјето на мозокот.
Редовно вежбање
Редовното вежбање, исто така, го намалува ризикот од здравствени проблеми кои можат да доведат до деменција. Кардиоваскуларните активности, како што е брзото одење 30 минути дневно, може да бидат доволни за да се намали ризикот од опаѓање на функцијата на мозокот.
Други достапни и евтини опции се возење велосипед, џогирање и пливање.
Одржувајте го мозокот активен
Колку повеќе човекот го користи својот мозок, толку неговите ментални функции стануваат подобри. Поради оваа причина, вежбите за тренирање на мозокот се добар начин за одржување на целокупното здравје на мозокот.
Една неодамнешна студија спроведена во текот на 10 години покажа дека луѓето што користат вежби за тренирање на мозокот го намалуваат ризикот од деменција за 29 отсто.
Најефективниот тренинг е фокусиран на зголемување на брзината на мозокот и способноста за брзо процесирање сложени информации.
Извор:
Medicalnewstoday.com
Фото: Freepik