X
 08.01.2019 Култура

Секој турист треба да положи заклетва пред да влезе во оваа земја

Палау, архипелаг составен од околу 200 острови, кој се наоѓа во западниот дел на Тихиот Океан, воведе заклетва што посетителите мора да ја дадат пред да влезат во земјата. Заклетвата е воведена со надеж дека ќе помогне да се зачува земјата за генерациите што доаѓаат.

Ова е првата нација што ги менува своите закони за имиграцијата за да ја заштити животната средина.

Додека туризмот може да донесе многу социјални и економски придобивки за регионот, исто така може да предизвика и голема штета. Масовниот туризам во Палау има катастрофално влијание врз варовниците и вулканските острови, така што под закана е биоразновидноста. Погодени се плажите, коралните гребени, водоснабдувањето и локалитетите.

1
Фото: News.com.au

Заклетвата, која била изготвена со помош на децата од цело Палау, гласи:

„Деца од Палау, ја давам оваа заклетва, како ваш гостин, дека ќе го чувам и заштитам вашиот прекрасен и единствен островски дом. Се колнам дека љубезно ќе постапувам и внимателно ќе разгледувам. Нема да го земам она што не ми е дадено. Нема да му наштетам на она што не ми наштетува. Единствените стапалки што ќе ги оставам се оние што ќе можат да се измијат“.

Заклетвата се печати на пасошот на туристите и тие мора да ја потпишат пред да влезат во земјата. Оние што ќе ги прекршат условите од заклетвата ќе бидат казнети со парична казна.

Луѓето од Палау, вклучувајќи го и претседателот на земјата, ја положиле заклетвата. Кеобел Сакума, директорот на Националното морско светилиште во Палау, вели дека се надева дека светот ќе ги забележи нивните напори.

Како дел од заклетвата, луѓето се советуваат дека не смеат да собираат сувенири од морето (школки и корали), ниту пак да го хранат морскиот свет, мора да избегнуваат да газат или да допираат корали, мора да ги почитуваат локалните обичаи и не смеат да фрлаат ѓубре.

palau
Фото: News.com.au


Досега се положени 13.624 заклетви.

Палау ја почна борбата за заштита на животната средина во 2015 година кога 500.000 квадратни километри од нејзините води ги прогласи за морско светилиште. Комерцијалниот риболов и вадењето нафта се забранети во овој регион.

Исто така, Палау ги едуцира помладите граѓани да се грижат за нивниот островски дом, при што програмите за заштита на животната средина се вклучени во училишната наставна програма во основно и во средно образование.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура