X
 08.02.2019 Живот

Необичното правило за земање неплатен одмор во Шведска

Јана Кагин никогаш не помислила да отвори сопствен бизнис, сѐ до моментот кога заедно со сопругот смислила брилијантна идеја - замена на делови за мебел. Парот почнал да ја реализира идејата во слободното време. Но, според Јана, можноста да земе отсуство од работа како организациски психолог навистина придонела работите да тргнат.

- Ако требаше да работам во тоа време, не ќе можев да се приклучам, а тоа ни беше од големо значење - вели таа.

Во меѓувреме, знаењето дека може да се врати на старата работа ако работите не успеат било од голема утеха, особено затоа што нејзиниот сопруг бил хонорарен работник во креативната индустрија.

- Никогаш не се гледав себеси како претприемач, па затоа можноста да се вратам на моето старо работно место одигра прилично голема улога - вели Јана. Но, таа не се вратила на старото работно место затоа што нејзината компанија доживеала огромен успех.

И покрај тоа што не сите нови компании стануваат толку успешни, искуството на Јана за паузирање од „фиксната“ работа не е единствено во Шведска. Во последните две децении работниците што имаат постојана работа со полно работно време имаат право да земат шестмесечно отсуство за да лансираат компанија (или да студираат или да се грижат за роднина). Шефовите можат да кажат „не“ само поради клучни оперативни причини, на пример, компанијата да не може да функционира без член на персоналот или ако новиот бизнис што вработениот сака да го отвори е директна конкуренција. Вработените можат да се вратат на истата работна позиција како и претходно.

- Ова е единствената земја што нуди законско загарантирано право работникот да земе одмор за претприемништво. Ова е честа појава, особено кај висококвалификуваните претприемачи кои создаваат високотехнолошки фирми - објаснува Клер Инграм Богуш, професор по претприемништво и информациски системи на Школата за економија во Стокхолм.

Макс Фриберг, кој раководи со софтверска платформа, е еден од нив. Тој зел отсуство од работа во глобална консултантска фирма и не дал отказ, иако бил уверен дека неговата идеја за бизнис ќе успее. За него губењето на конкурентната предност и „социјалниот статус“ на кој работел со години за да го постигне биле исто толку загрижувачки како и финансиската несигурност. Можноста за неплатено отсуство во голема мера му намалило дел од овие грижи.

- Имав одлична работа. Работев многу напорно за да ја задржам и да напредувам. Кога ја добив идејата за сопствен бизнис, се прашував да не правам нешто лудо. Но, чувството дека можам да се вратам доста ми ги олесни работите.

Шведска, со население од 10 милиони жители, има развиено репутација како една од најиновативните земји во Европа во последниве години. Нејзините стартап-компании растат толку брзо поради силната дигитална инфраструктура, културата на соработка и приватното осигурување за невработени што секој може да си го дозволи. Ова обезбедува поголема мрежа за социјална заштита отколку во многу други земји.

Мерењето за тоа колку правото на неплатено отсуство придонело за сето ова е прилично сложено. Додека трендот, особено на технолошката сцена, е набљудуван од страна на академците, синдикатите и работодавците, не постојат национални бази на податоци што би покажале колку луѓе се регистрирани за неплатено отсуство за започнување сопствен бизнис.

Но, бројките потврдуваат дека е зголемена побарувачката на сите видови отсуства (вклучувајќи го и платеното породилно отсуство) и се совпаѓа со зголемениот број на Швеѓани што почнуваат свој бизнис.

Што може да научи остатокот од светот од системот за неплатен одмор на Шведска?

Според Клер Инграм Богуш, трендот на земање неплатен одмор за започнување бизнис треба да се гледа во контекст на строгите закони за вработување на оваа нордиска земја. Овие закони традиционално им отежнуваат на шефовите да го отпуштат персоналот. Ова поттикнува некои вработени да останат на тоа работно место откако ќе добијат суштинска улога.

- Луѓето не ја напуштаат лесно работата откако ќе ја добијат. Можеби е слично како поседувањето куќа или стан. Откако ќе бидат ваши, не можете едноставно да се откажете од нив - вели Клер.

Семјуел Енгблом, шеф на политиките на Шведската конфедерација за вработени, објаснува дека владата, синдикатите и работодавците во Шведска го поддржуваат правото да земат неплатен одмор како начин на промовирање на мобилноста на пазарот на трудот.

- Повеќето вработени се колебаат да ја напуштат работата за која сметаат дека е безбедна за нешто несигурно како отпочнување бизнис - вели тој.

Резултатот е силен доказ што покажува дека кога се отстранува ризикот во кариерата, всушност, може да се поттикне претприемништво.

Дали системот има недостатоци?

Некои набљудувачи тврдат дека може да им биде тешко на работодавците надвор од Шведска да им дозволат на работниците да се вратат на старото работно место откако ќе земат неплатен одмор. Овие работници би можеле да се соочат со дискриминација кога станува збор за идните можности во кариерата или платата. Но, во Шведска овој вид предрасуди се против законот.

- Некој да излезе од работа и да проба нешто ново и да има можност да се врати не се смета за негативно во Шведска. Се смета за позитивно бидејќи тогаш личноста открива која работа е за него - вели Клер.

Таа вели дека утврдениот фокус на Швеѓаните за рамнотежа помеѓу работата и животот е огромен придонес, што можеби нема да биде релевантен на други места.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот