„Повеќе од четка за тоалет од ИКЕА“ - туристичка кампања на Шведска против навиката на ИКЕА да ги именува секојдневните
производи по места од земјата.
Болмен - збор што не го користите секој ден. Каде сте го сретнале претходно? Во ИКЕА, затоа што е име на евтина четка за тоалет од еден долар. Она што веројатно не го знаете е дека четката го доби името по едно прекрасно езеро во Јужна Шведска. И сега кога го знаете ова, тоа езеро повеќе не звучи толку привлечно.
Проклетството на ИКЕА
Наречете го проклетство на ИКЕА. Проклетство повторено стотици пати. Прекрасни места со егзотични имиња, но нивната привлечност е намалена поради асоцијацијата со секојдневни предмети од најпопуларниот каталог за мебел во светот.
Но, туристичкиот одбор на земјата неодамна тргна во контраофанзива.
За милиони луѓе во светот ИКЕА е олицетворение на Шведска. И не случајно. Затоа што иако стана глобален, лидерот на пазарот им остана верен на своите корени. Скромноста и едноставноста, оние наводни типични скандинавски вредности, се од суштинско значење и за дизајнот на производите на ИКЕА и за стилот на управување на компанијата. Не е случајно тоа што нејзините корпоративни бои, сина и жолта, се исти како боите на шведското знаме.
Сето тоа убаво се совпаѓа со навиката на ИКЕА на своите производи да им дава шармантни нордиски имиња. Таа традиција, сепак, има малку поинакво потекло.
Основачот на компанијата, Ингвар Кампрад, ги додал неговите иницијали во првите две букви од ИКЕА. Тој бил дислексичен, што му отежнало да прави разлика помеѓу нумеричките кодови на производите. Решението: производите добиле кратки имиња кои лесно се пишуваат и паметат.
Помнењето на сите производи е тешко бидејќи ИКЕА досега има над 12.000 предмети. Секој од предметите има уникатно, честопати прилично чудно скандинавско име. Многу производи ги позајмиле своите имиња од локации во Шведска, но не сите. Еве еден поглед за тоа како функционира методот на системот за именување:
- Предмети во бањата, како четка за тоалет, се именувани по шведски езера или водни тела.
- Софи, столови и комплети за трпезарија се именувани по места во Шведска. Килимите се именувани по дански места, а мебелот за спална и дневна по норвешки места.
- Мебелот за двор е именуван по островите во Скандинавија.
- Масите и столовите добиваат скандинавски машки имиња, додека ткаенините и завесите добиваат скандинавски женски имиња.
- Производите во други категории (чаши и вазни, елементи за осветлување, слики и украси) се именуваат по шведски места.
Полиците за книги се именуваат по шведски имиња на професии или скандинавски машки имиња. Но, постојат исклучоци од правилата, а најпознат е случајот за полицата за книги „Били“, со над 60 милиони продадени примероци, со што е најпродаваниот производ на ИКЕА. Името го добила по Били Лилједал, менаџерот за рекламирање на ИКЕА, кој дал до знаење дека сакал соодветна полица за книги, само за книги.
Во кратко видео, портпаролката на организацијата стои до езерото Болмен и вели: - Сакаме луѓето да размислуваат за чистата вода и убавата околина, а не за плакар за вода. Болмен е само врвот на ледениот брег. Ако пребарате Екторп, ќе добиете слики од софи. ИКЕА позајми стотици имиња од нашата прекрасна земја и ги користи за сè, од полици до канти за отпадоци - вели таа.
- Време е светот да знае дека сите овие имиња им припаѓаат на прекрасни места во Шведска. Затоа, заборавете на ИКЕА. Откријте ги оригиналите - додава таа.
Извор:
Bigthink.com
Фото: Screenshot/YouTube