X
 22.12.2022 Наша тема

Бегалските приказни се премногу тажни, а јас се трудам барем една од нив да има среќен крај, вели Ленче Здравкин, добитничка на државната награда „Мето Јовановски“

„Треба да бидеме среќни со она малку што го имаме и да го поделиме со оние што го немаат воопшто“, е најважната животна лекција која Ленче Здравкин, хуманитарка од Велес, ја научила додека во својот дом ги хранела бегалците од Сирија и Авганистан за време на бегалската криза.

По државната награда „Мајка Тереза“, која се доделува за значајни достигнувања во областа на хуманоста и човечката солидарност, Ленче Здравкин, или позната како Ангелот од Велес, ја доби и државната награда „Мето Јовановски“, која се доделува за остварувања во заштитата и унапредувањето на човековите права.

- Наградата многу ми значи затоа што е обврска и задолжување да продолжам понатаму со моите дела. На кршењето на човековите права му нема крај, но ние сме тука постојано да правиме макар и мали поместувања во однос на заштитата на правата. Ме радува што сега можам да кажам дека хуманоста кај народот е многу повисока за разлика од почетокот на бегалската криза - рече Ленче Здравкин, која штотуку ја заврши организацијата на хуманитарниот стендап-настан во Велес, на кој дојдоа 1.500 луѓе за да му помогнат на новинарот Саше Димовски.



Јавноста слушна за Ленче пред седум години кога во екот на сириската војна ја отвори својата куќа за бегалците кои секојдневно пешачеа на пругата што поминува покрај нејзиниот двор.

Таа раскажа за првите реакции на бегалците кога ќе ја здогледале покрај пругата во срцето на Велес, по стотици километри пешачење на жешкиот асфалт или студената железничка пруга.

- Некои чекаат помош по толкав пат, некои се плашат поради искуството што го имале по патот и мора да им објасните дека тука може да седнат да се одморат, да добијат медицинска помош, храна, облека, обувки. Почнав сама, купував колку што можев, еден период правев домашен леб бидејќи бројката на бегалци беше сѐ поголема. Набрзо се вклучи Црвениот крст и почна да набавува леб, а сограѓаните носеа храна и облека, кој колку можеше - се присети Ленче на деновите кога реки бегалци се слеваа кон северот на Европа.



Ленче вели дека од бегалските приказни таа и нејзините сограѓани научиле многу, но немала време да ги запише сите приказни од војната.

- Немав време да ги запишам сите приказни од војната. Кога би пишувала книга, таа би била книга за плачење оти има многу тажни приказни. Јас се трудам барем некоја од нив да има среќен крај. Нивните судбини ми предизвикаа чувство дека живеам во два различни света, но од нив научивме многу. Дека треба да бидеме среќни со она малку што го имаме и да го поделиме со оние што го немаат воопшто. Една случка со нив ме натера да размислувам подлабоко. Некој сограѓанин од друг македонски град на еден бегалец му подарил патики. Но, патиките му биле големи, па бегалецот ги носел во ранецот. Кога стигна кај мене, нозете му беа во лоша состојба. Ми рече: „Ќе ги оставам овие патики за некој бегалец што ќе дојде по мене, а на кој ќе му бидат точни“. Ги остави и замина. И покрај тоа што го доживуваат, бегалците се хумани и благодарни - раскажа Здравкин за емотивните средби со луѓе кои бегаат од виорот на војната.

Сите тие им биле благодарни на Ленче и на другите хуманитарци за помошта што им ја давале при трагањето по слободата и мирот.
Пораки со благодарност напишани на хартија, амајлија за среќа и сапун како единствено наследство од својот дом се дел од малите, но бесценети подароци кои бегалците ги оставале во знак на благодарност во нејзиниот дом.



- Кога ќе стигнат на крајот, ми праќаат слики од местото каде што се сместиле. Не можам да ги препознам. Тука доаѓаат изморени, истоштени, повредени и затоа сум пријатно изненадена кога ќе ги видам одморени, здрави и насмеани – се потсети Здравкин.

Таа вели дека имало и лоши моменти додека минувале по стотина бегалци дневно. Од одбивност кон бегалците до злоупотреба на нивната судбина со продавање на основните прехранбени производи за десет пати повисока цена и тројно поскапи возни билети.



- Повремено носев луѓе на железничката станица во Гевгелија или во мојот двор да се соочат со бегалците, да поразговараат со нив, да ја видат маката во нивните очи, да ги слушнат нивните приказни... Успевав во тоа, перцепцијата на луѓето се менуваше. УНХЦР многу помогна во тоа, организираше обуки, едукации, трибини, изложби и секогаш бараше совет од нас, волонтерите, кои бевме на првата линија на фронтот. Луѓето почнаа сами да организираат помош за бегалците, покажаа големо срце и покажаа дека сме земја на солидарноста - потенцираше Ленче Здравкин и најави организирање на неколку хуманитарни акции и во 2023 година.

Фото: кабинет на претседател
Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема