X
 23.06.2018 Технологија

Нови опции за заработка од „Јутјуб“

„Јутјуб“ најави дека ќе додаде нови опции за оние што создаваат содржини да можат да заработуваат од нивните дела. Повеќето од опциите се слични на она што го пробувале другите платформи, но сепак би можеле да го ублажат проблемот со кој „Јутјуб“ се соочува веќе подолго време.

Првата функција, од која има и најголем бенефит, е членството за канал, кое чини 4,99 долари и им овозможува на корисниците да платат за ексклузивна содржина на канал. Таа содржина може да биде пренос во живо, екстра снимки или нешто друго, зависно од тоа што ќе понуди оној што ги прави содржините. Засега сумата е фиксна и функцијата е достапна само за каналите со повеќе од 100.000 следбеници.

Втората функција е рекламна лента која ќе им овозможи на корисниците да ги продаваат своите нешта под секое видео. Досега оние што создаваат содржини мора да се поврзат со нивните страници за продажба во описот на секое видео. Сега тие имаат дел на нивниот канал каде што можат да ги прикажуваат цените и сликите од производите. Еве како изгледа тоа:

Фото: The Next Web

Третата функција е „Премиерс“, која им дозволува на креаторите на содржини да прикажуваат претходно снимени видеа во живо со јавна целна страница, а тие можат да комуницираат со фановите додека видеото се прикажува. Сега јутјуберите можат да имаат и супер чатови, каде што корисниците ќе треба да платат за нивните коментари да бидат ставени на врвот.

Според новите правила, несоодветни за монетизација се снимките што вклучуваат:

  • вулгарен јазик,
  • насилство и вознемирувачки снимки,
  • голотии и сексуално сугестивна содржина,
  • штетни или опасни активности.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија